Се менува сликата, се работи деноноќно: Пакет мерки за побрзо санирање на последиците од невремето

Една седмица по големото невреме кое го зафати скопскиот регион, сликата на терен се менува. Сe поголем број исчистени улици, сѐ поголем број исчистени домови, се обновува инфраструктурата, започна дезинфекцијата. Во Стајковци и Сингелиќ, најпогодените населени места од страшното невреме, се менува апокалиптичната слика. Рамо до рамо деноноќно работат граѓани, доброволци, работници, припадници на армијата и полицијата. Се подобрува инфраструктураната слика, пишува Лидер.

Тешка механизација е во нејпогодените делови. Армијата во координација со австрискиот контингент на КФОР го расчистуваат теренот. Почна да се врши дезинфекција во поплавените подрачја. Се собираат сметот и калта…

На терен интензивно работат и околу 40 тимови кои ја проценуваат штетата предизвикана од големото невреме. Направени над 1.200 проценки. Над 1.000 куќи од погодените регион досега се исчистени, голем број згради, најмалку 10 канали и клучните шахти. Само во Стајковци досега извршена е проценка на околу 500 куќи, од вкупно 750 кои беа поплавени. На околу 600 куќи е направена дезинфекција. Голем дел од улиците се расчистени. Во деловите каде се уште се расчистува се дистрибуира храна за населението, а во деловите каде има струја и вода работите се враќаат во нормала. Електрична енергија е пуштена на 80 проценти од домовите, додека вода има.

Добра вест за граѓаните чии домови беа поплавени и речиси уништени пристигна вчера од Владата. Донесена е одлука за сто процентно обесштетување на штетата која ја предизвика невремето во скопско. Ова е првата од вкупно осум мерки што Владата на вчерашната седница ги усвои, а се наменети за настраданите во поплавените подрачја од Скопскиот регион.

Целосно обесштетување на погодените од невремето

Првата мерка за обесштетување на граѓаните од кризните региони за штетите предизвикани од поплавите, значи, дека граѓаните ќе бидат обесштетени во целост, односно сѐ што комисијата за проценка ќе го евидентира за оштетено, 100 процентно ќе биде надоместено.

Мерките вклучуваат и покривање на партиципацијата на здравствените услуги на сите нивоа во зафатените подрачја, ослободување на домаќинствата од плаќање месечни издатоци за вода и ѓубретарина во период од три месеци, еднократна парична помош за набавка на училишен прибор за сите деца во основно образование од кризните региони.

Со мерките се предвидува и овозможување бесплатна изработка на елаборат за постапката за легализација за семејствата од погодените региони од невремето кои не извршил легализација на своите куќи, зголемување на паричната помош во следните три месеци за 50 проценти за семејствата погодени од поплавите кои се приматели на парични права од социјална и детска заштита, односно социјална парична помош, постојана парична помош, додатоци за мобилност за слепило и за глувост, помош и нега од трето лице и посебен додаток за деца со пречки во развојот.

Седмата мерка е обезбедување на 30 тони јачмен од државните резерви кои ќе бидат наменети без надомест, за сточна храна за земјоделците од погодените регионот кои имаат потреба од ваков тип на поддршка.

Последната мерка од овој пакет е во насока на излегување во пресрет на барањата на земјоделците кои имаат земјоделски посеви во погодените региони. Ќе им се овозможи бесплатна анализа и испитување на почвата, процес во кој што ќе биде потребно да се утврдат и можните потреби за нејзино прочистување. Ова е особено значајно за продолжување на планско земјоделско производство.

Усвоените пакет мерки се дел од заложбите на Владата за побрзо и поефикасно нормализирање на состојбите, санација на штетите, но и помош и поддршка за настраданите граѓани.

Компаниите од поплавените подрачја претрпеа огромни штети

Поплавени хали и магацини, уништени роба и машини. Компаниите од местата кои настрадаа во големото невреме велат дека претрпеле огромни штети. Бизнисмените од овој дел на Скопје велат дека во магацините кои се простираат на околу 20 хектари, била сместена царинета стока, која по налетот на водата е речиси целосно уништена. Според нив, штетата изнесува над 15 милиони евра.

Околу 110 компании од овој регион поднеле барање за обесштетување до осигурителните компании. Според проценките, пак, штети од невремето претрпеле над 400 компании од овој дел на градот со стотици вработени.

Големи штети од невремето имаше и по земјоделскиот род. Првичните податоци покажуваат дека на поголемиот дел од нивите зафатени со невремето има 100 процентно оштетување. Обесштетувањето во земјоделството ќе се врши преку Платежната агенција.

Според земјоделскиот регистер во скопскиот регион од кој дел беше погоден со невремето, со оваа дејност вкупно се занимаваат повеќе од 2.000 евидентирани земјоделци кои одгледуваат 5.000 глави крупен и ситен добиток.

 
 
15.08.2016 - 08:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега