Започна седницата за поплавените подрачја: Владата целосно ќе ги обесштети поплавените

Обезбедување на сто процентно обесштетување на граѓаните од кризните региони за штетите предизвикани од поплавите е прва од пакетот од вкупно осум мерки што Владата на денешната седница ги усвои, а се наменети за настраданите во поплавените подрачја од Скопскиот регион.

- Имајќи ја предвид големината на природната непогода нејзината разорност, и големиот број домаќинства кои се опфатени, како и степенот на оштетеност, како Влада целосно сме посветени кон овозможување на комплетна помош и поддршка на настраданите опфаќајќи различни сегменти кои директно или индиректно ќе бидат од полза и конкретна корист. Тоа се конкретни чекори и мерки со кои покажуваме грижа за сите наши сограѓани на кои во овие моменти од исклучителна важност им е искрената поддршка во секој сегмент од секојдневното живеење, истакна на денешната прес-конференција во Влдадата Министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој посочи дека усвоените пакет мерки се дел од заложбите на Владата за побрзо и поефикасно нормализирање на состојбите, санација на штетите, но и помош и поддршка за настраданите граѓани.

- Овие мерки значат дополнителна помош и поддршка покрај процесот на обесштетување и помошта која сега на терен се реализира во процесот на расчистување и санација, истакна Тодоров.

Мерките вклучуваат и покривање на партиципацијата на сите здравствени услуги на сите нивоа во зафатените подрачја, ослободување на домаќинствата од плаќање месечни издатоци за вода и ѓубретарина во период од три месеци, еднократна парична помош за набавка на училишен прибор за сите деца во основно образование од кризните региони. Со мерките се предвидува и овозможување бесплатна изработка на елаборат за постапката за легализација за семејствата од погодените региони од невремето кои не извршил легализација на своите куќи, зголемување на паричната помош во следните три месеци за 50 проценти за семејствата погодени од поплавите кои се приматели на парични права од социјална и детска заштита, односно социјална парична помош, постојана парична помош, додатоци за мобилност за слепило и за глувост, помош и нега од трето лице и посебен додаток за деца со пречки во развојот. 

 
 
14.08.2016 - 12:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа