Владата реагираше брзо - Македонија една недела се справува со последиците од невремето

Македонија една недела се справува со последиците од големото невреме кое однесе човечки животи и предизвика огромна материјална штета. Природата покажа заби, но државата ги активираше сите капацитети за помош на погоденото население. Институциите се целосно мобилизирани, механизацијата го расчистува теренот, Армијата ја презеде контролата, земјоделските власти и АХВ се справуваат со отстранување на угинатите животни и прават процена на штетата, здравствените власти се распоредени и не дозволуваат да се шират заразни заболувања, анализира ЛИДЕР.

Авансна отштета како итна потреба

Владата реагираше брзо за да му помогне на месното население. Семејствата од најпогодените подрачја ќе бидат авансно обесштетени со 100 милиони денари како итна потреба.

„Тимовите за утврдување на штетите веќе работат на терен, а откако ќе се процени вкупната сума, граѓаните ќе го добијат и остатокот од отштетата“ – вели премиерот Димитриев.

На терен се 15 тимови за увид и попишување на штетите во земјоделството во две категории – сточен фонд и земјоделски површини. Штетите во најголем дел од нивите се и до 100 проценти, но надлежните велат дека преку Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој ќе бидат обесштетени сите земјоделци и сточари.

„Причина за последиците од поројниот дожд не се одводните канали, бидејќи тие редовно се чистат. Се работи за елементарна непогода, а не за неисчистени канали. Сега е битно да се проценат штетите. Резултатите од процената ќе бидат доставени до Бирото за судски вештачења, по што ќе следува и исплатата за уништените површини и добиток. Луѓето ќе ги добијат средствата“ – вели државниот секретар во Министерството за земјоделство, Бесир Јашари.

Тимовите се постојано на терен

Тимови од сите институции се постојано на терен. Армијата беше навреме активирана уште од првиот миг, како и сите други институции кои деноноќно работат за расчистување на теренот.

„Направени се над 1.200 процени на штета на домаќинствата, околу 300 машини и 1.200 пумпи се на терен во местата зафатени со поплавите во Скопско“ – вели министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

„Состојбата значително се подобрува, се вложуваат максимални напори, институциите на системот функционираат. На ниво на Влада беше донесена одлука, прогласена е кризна состојба, формиран и активиран е кризниот менаџмент“ – вели министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од првиот ден е меѓу жителите од поплавените места.

„Тоа што го ветивте се исполни. Мислевме за 30 дена нема да влеземе во куќите, сè се расчисти за три дена“ – му рече претседателот на месната заедница во Страчинци, Аднан Ајрула на Груевски.

Зравствените власти на готовс

Здравствените власти велат дека нема појава на шуга во поплавените подрачја, но има цревни инфекции и кожни алергии. Патронажни тимови му помагаат на населението.

„Пуштени се екипи од лекар специјалист за инфективни болести и медицинска сестра кои ќе бидат стационирани во амбулантата во село Стајковци и во пунктот во Ченто, со цел антитетанична заштита и давање вакцина и серум на повредени лица кои учествуваат во санирање на подрачјето. Ќе вршат и скрининг на евентуални заразни болести“ – вели претседателката на Комисијата за заразни болести, Јованка Костовска.

Во местата кои беа погодени од стравотното невреме постојано има тимови и на Итната медицинска помош.

„Обично се работи за хронично болни, дел од нив се прегледуваат на лице место и им се дели терапија, а тие што се потешко болни се хоспитализираат со возило на Итната медицинска помош. Обично, пациентите се жалат на висок крвен притисок, стрес реакции, а сега во периодов има и цревни инфекции“ – вели д-р Ангелевски од Итната медицинска помош.

Државата не дозволи заработка на туѓата несреќа

Откако дел од трговците  се обидоа да заработат на грбот на луѓето кои беа погодени од невремето, Владата донесе одлука за замрзнување на цените на одредени производи, како што се вода, хигиенски средства, гумени чизми, ракавици, на нивото на кое беа на 5 август.

„Македонија се соочува со последиците од невремето, а одредени трговци ова го искористија во своја полза што беше многу нефер од нивна страна. Екипите на Пазарниот инспекторат и на другите инспекторати се на терен. Доколку се јават нелогични цени или енормно зголемување на цените, ги охрабрувам граѓаните да се јават во Пазарниот инспекторат и да бидат сигурни дека Инспекторатот ќе излезе на терен за тоа да го регулира. Со оваа одлука веќе му дадовме право на Пазарниот инспекторат и на другите инспектори да вршат надзор и да казнуваат доколку има нелогични цени односно енормно зголемување“, рече заменик – министерот за економија, Кристијан Делев.

Од Организацијата на потрошувачи велат дека е направен правилен потег.

„Оваа мерка на Владата е добра, ние тоа и го баравме, па би требало сега и граѓаните да знаат за оваа мерка, самите да вршат проверка и да не дозволуваат плаќање на повисоки цени“ – вели претседателката на ОПМ, Маријана Лончар.

Бурата имала екстремна сила

Според грчкиот професор по метеорологија, Теодор Каракостас, она што на 6 август се случи во Скопско било многу ретка и екстремно силна бура.

„Се работи за огромна количина вода која паднала за многу краток временски период од само 5 часа. Тоа ние го нарекуваме ненадеен налет на бура“ – вели Каракостас.

Според американскиот Weather channel, невремето било ненајдено и многу тешко да се предвиди.

 
 
13.08.2016 - 11:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега