ЈОРМ: Немаме ингеренции да постапуваме во услови на елементарни непогоди

Јавното обвинителство нема ингеренции да постапува во услови на елементарни непогоди и во случаи каде нема сомнение за сторено кривично дело, велат од институцијата.

- Откако дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје на 07.08.2016 година беше известен од МВР – СВР Скопје за човечките жртви во поплавите што се случија тој ги даде сите потребни инструкции во рамки на негова надлежност за постапување на полициските екипи на терен, порачуваат од Јавното обвинителствона Република Македонија (ЈОРМ).

Појаснуваат дека согласно Законот за кривична постапка (член 246 став 1) – „Преглед и обдукција на леш ќе се преземе кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело”.

- Со оглед на тоа што во случајот не постоеше сомнение за сторено кривично дело, надлежен јавен обвинител не издаде наредба за обдукција, туку даде насока телата на починатите да се однесат во капелата во Бутел за идентификација и потоа да се предадат на семејствата за погреб. Секако, според насоките дадени од јавниот обвинител, за секоја спорна смрт и за лица на кои не може да се утврди идентитетот беше оставена можност дополнително да се врши обдукција, велат од ЈОРМ.

Нагласуваат дека јавниот обвинител наредува обдукција само согласно Законот за кривична постапка, односно тогаш кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело, додека согласно Законот за здравствена заштита, обдукција можат да побараат и други институции, како и членови на потесното семејство на жртвите.

- Согласно Законот за кривична постапка, надлежен јавен обвинител раководи со увидот на лице место само во услови кога постои сомнение за сторено кривично дело. Во конкретниот случај станува збор за елементарна непогода и не постоеше сомнение за сторено кривично дело. Истовремено дежурниот јавен обвинител од страна на полициските екипи беше известен дека на теренот каде беа пронајдени телата не може да се врши увид и фотографирање, затоа што е непристапен и непрооден, а на истиот пристап имаат само специјални единици од МВР и од АРМ со чамци и оклопни возила, потенцираат од Јавното обвинителство на Република Македонија.

 
 
10.08.2016 - 11:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега