Обуки за новиот Центар за воздухопловна медицина

Идниот месец се очекува да започне со работа новиот Центар за воздухопловна медицина во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Во завршна фаза е обуката на докторите кои треба да бидат дел од овој нов центар.

Во посета на болницата денеска беше и министерот за здравство Никола Тодоров кој потенцираше дека овој центар е прв од ваков карактер во државата и ќе овозможи сите пилоти, но и цивилни и воени, како и контролорите на летање на другите лица од воздухопловството да можат здравствените прегледи да ги извршат во Република Македонија.

Тодоров посочи исто така дека досега во Македонија можело само да се продолжуваат сертификатите на пилотите и другите кадри од воздухопловството кои имаат потреба од здравствени прегледи.

Исто така овој центар ќе може да дава услуги и за ваков тип кадар од други држави.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Горан Јандреоски рече дека со формирањето на овој центар ќе бидеме покомпетентни и ќе се намалат трошоците за кадарот од државните институции. Преку промоција на центарот, тој изрази надеж дека ќе бидат привлечени и клиенти надвор од Македонија.

Директорот на Градската општа болница, Сашо Стојчев објасни дека курсот бил во траење од вкупно 12 дена односно по шест дена основен и напреден курс, а сите 27 доктори слушатели се здобиваат со сертификати, секој во својата област.

– За секоја специјалност имаме по двајца специјалисти, а за некои и по тројца. Задоволен сум од сите предавачи кои ја вршеа обуката на курсот. Станува збор за искусни предавачи кои цел живот работат во авиомедицината во Белград и во Загреб. Поминавме многу поевтино отколку да праќаме доктори надвор на обука која чини 3 илјади евра по доктор. Вака целиот курс нема да биде повеќе од десетина илјади евра, рече Стојчев.

Невролози, психијатри, оториноларинголози, офталмолози и доктори по интерна медицина ќе ги вршат прегледите на околу 200 лица пилоти, цивилни и воени, како и контролори на летање и друг персонал којшто работи во областа на воздухопловството.

Стојчев рече дека двајца доктори, кардиолог и доктор по медицина на труд ќе бидат потписници на уверенијата на лицата кои ќе имаат потреба од  здравствен преглед.

Еден од предавачите на курсот, доктор од Белград денеска при посетата на аеродромот Петровец преживеал акутен инфракт. Како што кажа Стојчев, тој е опериран во болницата, вградени му се два стента и се чувствува добро. Операцијата, како што кажа Стојчев, ја извеле колеги на стручниот доктор од  Белград и македонски лекари.

 
 
24.06.2016 - 15:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа