Златковата кула во Кратово во ново руво

Во градот Кратово  денеска е промовиран целосно конзервираниот, реставрираниот и ентерирно уредениот споменик на културата од 14 век Златкова кула.

На промоцијата на споменикот присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, американскиот амбасдор во Македонија, Џес Бејли, градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски, директорот на Музејот Кратово, Драган Георгиевски и Виктор Лилчиќ, директор на Управа за заштита на културно наследство.

- Овој исклучително значаен проект со кој ревитализиравме еден вреден сегмент од нашето наследство е резултат на одличната соработка меѓу Министерството за култура, Амбасадата на САД во Македонија и општина Кратово. Амбасадата за ентериерно уредување на Кулата, изградена во 1365 година додели средства од Амбасадорскиот фонд за културна заштита, рече Канческа-Милевска.

Во Златковата кула претходно со поддршка на Министерството за култура беше извршена конзервација и реставрација на архитектурата  и се уреди сувенирница во која денес може да се купат разновидни сувенири поврзани со Златковата кула и останатите обележја на Кратово.

Министерката за култура информира дека се уреди спомен собата на македонскиот православен светител свети Ѓорѓи Кратовски каде е сместена постојана поставка на стари книги  од 17-18 век, слики и резби со ликот на св.Ѓорѓи, како и артефакти пронајдени за време на археолошките истражувања на просторот околу Кулата.

На вториот кат, како што рече, се отвора и културно информативен центар во кој посетителите на Кратово ќе може да се запознаат со неговата историја, култура, традиција...

Таа истакна дека целосната обнова на оваа градба која стилски и колористички автентично се вклопува во старото градско јадро на Кратово ќе биде еден значителен импулс во културниот и туристичкиот развој на  градот.

Канческа-Милевска потсети дека со поддршка на Министерството за култура е извршена ревитализација на Синичевата кула која е веќе отворена за јавност и во која е изложена постојана поставка „Карпошово востание 1689“. Извршена е реконструкција и на Саат кулата.

Таа потсети и на уште неколку проекти кои се реализирани во изминатиот период во Кратово, заштита на архитектурата и ѕидното сликарство во црквата „Св.Јован Крстител“, изградена од Андреја Дамјанов, проектот за обнова и конзервација на фасади од пет дуќани во споменичната целина „Ајдучка чаршија“.

- На предлог на Министерството за култура Собранието на РМ го донесе и  Законот за прогласување на старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење, споменична целина со највисок степен на заштита. Имплементацијата на Законот ќе овозможи идентификација на споменичните целини, просторно лоцирање на доброто, пропишување режим на заштита и одржливо користење на доброто, рече Канческа-Милевска.

Амбасадорот Бејли потенцира дека преку Амбасадорскиот фонд за културна заштита САД досега имаат финансирано 12 проекти во Македонија.

- Ова е многу значајно за нас бидејќи културните локации се потсетник за придонесот и за историските искуства на нашите предци. САД сакаат да покажат голема почит кон другите култури и еден од начините да се стори тоа е да се помогне во зачувување на културното наследство, рече Бејли. 

Градоначалникот Андоновски истакна дека ова е трета кула која е ставена во функција во Кратово и е со цел унапредување на туризмот во Кратово и зголемување на бројот на туристите кои, како што рече, ги има во се поголем број.Тој додаде дека за Златковата кула се издвоени 97 илјади долари.

Во рамки на проектот беше промовирана сликовницата да ја посетиме Златковата кула во Кратово од Ана Цветкоска-Панова.

 
 
24.06.2016 - 14:32
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега