Анкета: За решавање на името потребна е промена на перцепциите на јавноста во Македонија и Грција

 

Проблемите во однос на спорот за името е дел од една широко распространета перцепција во Грција дека Македонија се обидува да ја украде нивната историја и дека овој напор за крадење на историјата е дел од еден поширок план за враќање на територии. Така што спорот за името е практично манифестација на перцепцијата во јавноста на која и се додава оган од страна националистите кои ја демонизираат Македонија и ја  прикажуваат како непријател наместо како партнер.

Ова го  истакна Дејвид Филипс од Колумбија универзитет во Њујорк по денешната презентација на анкета за перцепциите на македонските граѓани за спорот за името и односите со соседите спроведена во соработка со Фондацијата Алијанса на цивилизациите и Институтот за политички истражување Скопје (ИПРС) 

Според Владимир Божиновски од ИПРС, спорот со името во моментов е во пат позиција и за негово надминување неопходно е прво градење мерки на доверба за да се смени перцепцијата на јавноста особено во Грција која, вели, во изминатите 25 години е труена од страна на политичките елити. 

- Ние не можеме да очекуваме решавање на спорот без пред тоа да се стекне одредена доверба меѓу јавните мислења, односно меѓу луѓето кои живеат во Македонија и во Грција. Така што сега процесот не треба да се фокусира на тоа ајде да го решиме спорот за името и дека тоа може да биде направено од политичките елити. Тоа не може да биде направено од политичките елити, особено што во Македонија политичките елити и да постигнат некаков компомис тоа оди на референдум. Туку прво мора да се изградат мерки на доверба кои што би ги приближиле ставовите и перцепциите на граѓаните и во Грција и во Македонија да се намали оној антагонизам кој што е создаван иминативе 25 години за потоа евентуално да се размислува на некаков компромис, вели Божиновски.

Тој посочува дека не можеме сега да бараме решение на проблемот од врвот кон дното туку мора постепено од основната база на општеството да почнат да се градат некакви мерки на доверба за да се постигне одреден компромис. - Не верувам дека сега во Грција некој може да донесе решение за некаков компромис со РМ дури и тоа да значи дека ние ќе ги почнеме преговорите со ЕУ под постојната референца. Едноставно ниту има желба ниту има можност да се направи тоа, дециден е Божиновски.

Анкетата е спроведена во март месец во Македонија и во Грција, на репрезентативен примерок од 1.101 испитаници и ги мери перцепциите на граѓаните од двете земји, кои потоа ќе бидат искористени за компаративно истражување. Резултатите од истражувањето треба да им помогнат на креаторите на политиките во двете земји и на меѓународната заедница во пристапот кон изнаоѓање решение на спорот и во јакнење на билатерланите односи. Анкетата со слични прашања прилагодени на спецификите на Грција е спроведена од ЕЛИАМЕП. Резултатите од Македонија посочуваат дека спорот за името влијае негативно врз перцепцијата во однос на Грција, но и врз растот на ЕУ (66.9% за членство во ЕУ) односно НАТО(70,7% за членство во Алијансата)- скептицизмот во земјава. Мнозинството испитаници (58,8%) се изјасниле дека се потребни иницијативи за градење на довербата меѓу двете земји, но и дека не би прифатиле промена на името (66,4%) за меѓународна употреба за влез во овие асоцијации.

 
 
21.06.2016 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа