ВМРО-ДПМНЕ и Груевски со повеќе од двојна предност пред СДСМ и Заев

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски има речиси тројно поголема поддршка од претседателот на СДСМ Зоран Заев, посочуваат резултатите од телефонската анкета на Институтот „ПавелШатев“, спроведена од 6 до 8 овој месец врз примерок од 1.070 испитаници.

Целта на анкетата, како што наведуваат, е да се дознаат перцепциите на граѓаните кои во најголем дел гласаат за двете најголеми партии во Македонија, односно за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Во неа биле вклучени испитаници од етничките заедници освен од албанската бидејќи, како што се наведува од Институтот, тие генерално гласаат за етничките албански партии.

На прашањето во кои политичари имате најголема доверба, за Никола Груевски се изјасниле 30,8 проценти од испитаниците, а за Зоран Заев 11,4 проценти. Споредено со резултатите од анкетата на Институтот спроведена од 20 до 22 април врз ист репрезентативен примерок од 1.070 испитаници, резултатите покажуваат намалување на рејтингот на Заев за 0,6 проценти бидејќи тогаш изнесувал 12 проценти, додека Груевски го задржал истиот рејтинг од 30,8 отсто.

Запрашани која партија би победила на наредните парламентарни избори 49,6 проценти од анкетираните се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ што е раст на рејтингот од 0,1 отсто. За СДСМ, пак, се определиле 20,2 проценти од анкетираните што, како што се наведува, претставува пад од 0,7 отсто во однос на априлското истражување.

Според истражувањето, на прашањето какво е вашето мислење за Заев, негативно одговориле 58,1 проценти, а со позитивно мислење се 22,6 проценти од анкетираните што, како што се посочува, претставува зголемување на негативното мислење за 11,3 проценти со оглед дека претходно изнесувало 46,8 проценти.

На прашање какво е нивното мислење за Никола Груевски, позитивно се изјасниле 53,7 отсто од испитаниците и тоа претставува зголемување за 2,8 проценти во однос на априлското истражување. Негативно, пак, се изјасниле 31,4 отсто.

Во однос на претседателот на државата Ѓорге Иванов, 54,3 отсто од анкетираните изјавиле дека имаат позитивно мислење, а негативно 30,4 проценти. Според истражувањето спроведено во април, за Иванов позитивно мислење изјавиле дека имаат 52,6 отсто од анкетираните, додека негативно мислење имале 27 отсто.

Вкупно 88 проценти од испитаниците одговориле „не“ на прашањето „дали некој од вас, вашите блиски или од вашето опкружување почувствувал притисок на денот на избори“, а 12 проценти одговориле со „не знам“ или нема одговор

ТВ СИТЕЛ

 
 
10.05.2016 - 20:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа