Манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Прилеп го прослави Голем петок

Со верски обреди, обичаи и вековна традиција денеска во манастирот „Свети Архангел Михаил“ под Марковите кули во Прилеп и во најстарата прилепска населба Варош беше прославен верскиот празник Голем или Источен петок, односно Балаклија.

sv arhangel mihail prilep

Прославата традиционално почна во утринските часови со света литургија во манастирската црква. Голем број верници и гости цел ден го посетуваат манастирот за да запалат свеќа, да се помолат за здравје и да земат од водата од изворот под манастирските темели. Верниците веруваат дека водата е чудотворна.

Според отец Блаже Станкоски, архиерејски намесник на прилепската епархија, прославата на Голем или Источен петок, прв петок по Велигден, најверојатно има длабоки корени.

– Источен петок е востановен според приказните од житијата дека на денешен ден во Палестина од извор е нацрпена лековита вода. А изворот во манастирот е откриен со неговата изградба во 14 век. Се верува дека водата е лековита, изјави отец Станкоски.

Манастирот слави, првпат со двата конака. По стотина години е обновен и Источниот конак со средства од Министерството за култура, а денеска слават и жителите од најстарата прилепска населба Варош, каде што  портите накитени со зелени гранчиња се отворени за гостите.

 
 
06.05.2016 - 16:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега