ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преговараат за излез од кризата

Зад завесите интензивно течат преговорите меѓу двете најголеми македонски политички партии, дознава Press24 од партиски извори од двата табора. Според неофицијалните информации, во периодот пред празниците била остварена и тет-а-тет средба меѓу двајца високи партиски функционери од двата табора. Што се разговарало на средбата се уште нема информации. За неа, од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ нема ниту потврда ниту демант.

Интересно е што во истиот период и албанската политичка партија ДУИ повика на продолжување на разговори и барање начин за излез од кризата.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска рече дека неговата партија е подготвена да преговара под услов аболицијата да биде укината а Собранието повторно да биде свикано.

„И граѓаните, и вие новинарите знаете, дека конструктивниот фактор во целиот овој процес е опозицијата и ние остануваме да бидеме конструктивен фактор. Нашите услови јавно ги соопштуваме: укинување на аболицијата и свикување на Собранието заради исполнување услови за регуларни избори. Ако тоа биде ставено на маса, ние сме овде како конструктивен партнер во преговорите“, рече Заев

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ околу аболицијата е прилично јасен. Партијата во повеќе наврати побара од Претседателот Иванов таа да биде укината, а највисоките партиски функционери и лично побараа од Претседателот да дозволи да течат постапките во кои тие се наоѓаат под истрага и во кои евентуално би можело да бидат обвинети.

Што се однесува до повторно свикување на Собранието, собранискиот спикер Вељаноски излезе со став дека за тоа не постојат услови.

 

Се очекува во периодот кој следи, преговорите за надминување на кризата да добијат дополнителна динамика за да може, евентуално да биде фатен рокот 11 мај, кога до полноќ партиите ќе мора да ги достават кандидатските листи.

 
 
03.05.2016 - 12:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега