Атина повторно ја обвини Македонија за иредентизам

Прашањето за името е проблем со регионална и меѓународна димензија и секако не може да се реши преку манифестирање иредентистички аспирации и фалсификување на историјата и присвојување на националната историја и културното наследство на Грција, изјави грчкиот заменик министер за надворешни работи Јоанис Аманатидис.

Како што јави дописникот на МИА, изјавата на грчкиот дипломат е одовор на пратеничко прашање на членови на Златна Зора во врска со „давање на името на грчка Македонија на Скопје“.

Според него, Грција „со реализам и конструктивен дух и земајќи ги предвид националните интереси“ го почитува и поддржува процесот на преговори што се одвива под покровителство на ОН од почетокот на 90-тите години.

- Грција сето ова време реагираше со цел почитување на нејзиното историско и културно наследство, рече Аманатидис и додаде дека грчката Влада ја поддржува „академската заедница, која обезбедува научни и објективни податоци, со кои во пракса се докажува кој ги брани интересите на татковината“.

Тој изјави дека Грција не е против европските и евроатлантските перспективи на Македонија и додаде дека „сепак, постојат основни, објективни услови“.

- Со цел да го продолжи и заврши европскиот и евроатланскиот пат, секој кандидат треба да ги прифати и во пракса да ги почитува основните принципи врз кои почива Организацијата, и особено принципот на добрососедски односи, што е основа на партнерство или сојузнички однос меѓу државите, изјави Аманатидис. 

 
 
15.04.2016 - 11:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа