Јолевски заедно со Олбрајт и Милибанд говореше за мигрантската криза

Вчера во Вашингтон во организација на реномираниот германски институт Бертелсман и Фајненшал тајмс се одржа Конференција посветена на мигрантската криза. Министерот Зоран Јолевски заедно со поранешните секретари на САД и Британија Олбрајт и Милибанд говореа за мигрантската криза со која се соочува Европа.

На самиот почеток министерот Јолевски истакна дека Македонија како земја кандидат за членство е посветена на заедничкиот, координиран и сеопфатен пристап кон менаџирање на бегалската криза. „Мерките што ги имплементира Македонија се во согласност со заклучоците на Европскиот совет и го штити интегритетот на Шенген областа. Македонските безбедносни сили преземаат активности кои се координирани со земјите од балканската рута“, истакна министерот Јолевски.
Македонија ќе продолжи да делува конструктивно и ќе ги превзема неопходните безбедносни чекори за заштита на националната и евроатлантската безбедност.

Министерот Јолевски пред еминентните учесници и говорници се осврна на чекорите кои ги има преземено Македонија во однос на мигрантската криза која ја зафати Европа. „Македонија како и досега покажа дека е сериозен партнер за соработка во справувањето со безбедносните предизвици“. Воедно министерот го поздрави и целосно го поддржа договорот помеѓу Европската Унија и Турција.

Имајќи предвид дека се работи за комплексна и глобална криза, министерот Јолевски истакна дека е потребна проактивна улога на Европската унија и ангажман на САД за справување во кризата, но и долгорочна стратегија за соочување на овие предизвици. Побара да се обезбеди поголема поддршка на непосредните соседи на Сирија, како што се Турција, Либан и Јордан. Со ова ќе се создадат услови бегалците да останат поблиску до Сирија и Ирак, со што се зголемуваат шансите за враќање во нивните домови.

Секретарот Олбрајт истакна дека САД заедно со Европската унија треба поактивно да се вклучи во решавањето на оваа криза, која може да се очекува да трае долго.

Давид Милибанд, сегашен претседател на Меѓународниот комитет за спасување и поранешен секретар за надворешна политика на Велика Британија побара поголеми средства за меѓународните хуманитарни институции. Оцени дека Европа има капацитет за справување со оваа криза, но потребно е да делува проактивно. Истакна дека треба да се преземат мерки за интеграција на беглаците кои добиле легален статус во Европа.

На конференцијата на посебен панел за економските аспекти на мигрантската криза говореа министрите за финансии на Холандија Јерем Диселблом, на Турција, Мехмед Шимшек, комесарот за буџет на ЕУ, Кристалина Ѓерогиева, претседателот на Европската банка за инвестиции, Вернер Хојер, како и претседателот на Економскиот совет на Белата куќа, Џејсон Фурман.

 
 
15.04.2016 - 10:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега