Продолжуваат истражувањата во престолнината на независните Пајонци- Билазора кај Свети Николе

Македонските археолози продолжуваат со откривањето на древното културно наследство кое го крие нашата земја. Вчера официјално започнаа овогодинешните истражувања на локалитетот Градиште – Славков дол до селото Кнежје во близина на Свети Николе, каде што се наоѓа престолнината на независните Пајонци – Билазора.

sveti nikole

Со поддршка од Управата за заштита на културно наследство и Министерството за култура, годинава ќе се работи на целосно откривање на акрополата и владетелската палата. Според досегашните наоди и вид на архитектура, ова е можеби единствен главен град на кралство од раната антика, кој што досега е откриен на територијата на Република Македонија.

knezje

Пред две години беше асфалтиран и патот до археолошкиот локалитет, па веќе посетителите можат да доаѓаат во непосредна близина на Пајонската престолнина и со автомобил. И оваа пролет светиниколчани во сè поголем број пешачат до селото Кнежје и назад, а веќе се забележува и зголемен број на посетители од целата Република, но и од странство.

knezje1

Истражувањата веќе четврта година по ред се одвиваат под раководство на професорот Драги Митревски, во соработка со Народниот Музеј на Свети Николе и стручен тим од Филозофскиот факултет во Скопје.

Директорот на ОУ Народен Музеј – Свети Николе, Александар Арсов изјави дека годинава Министерството за Култура одвои најголеми средства до сега за овој локалитет (6 милиони денари), со кои ќе се истражува околу пет месеци.

knezje2

Исто така, нагласи дека Министерството за Култура одобри средства за изработка на проект за конзервација на НУ Завод и Музеј – Штип (надлежна установа за недвижно културно наследство на ова подрачје), со што веќе се комплетираат сите потребни зафати за овој локалитет да прерасне во еден од најистакнатите археолошки споменици на културата. Очекувањата се дека во краткорочен временски период овој локалитет ќе биде најрепрезентативен не само на територијата на Општина Свети Николе, туку и пошироко.

knezje3

Паралелно со истражувањата, Народниот Музеј на Свети Николе, заедно со професорот Драги Митревски за прв пат ќе издаде книга за Билазора, со што конечно јавноста ќе добие појасна слика за тоа што претставувал овој град во античката историја.

knezje4

ОУ Народен Музеј јавно се заблагодарува на несебичната поддршка при подготовката на оваа книга на Славјанскиот Универзитет „Г. Р. Державин” од Свети Николе, кој се вклучи како ко-издавач и спонзор на изданието.

knezje5

Набргу се очекува да се реализира и меѓународната соработка со студенти по археологија од Русија, кои што треба да учествуваат во овогодинешните истражувања. Наскоро ќе биде објавена и промовирана книгата, а од Народниот Музеј во Свети Николе допрва ќе доаѓаат убави вести за македонското културно наследство.

 

 
 
13.04.2016 - 12:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега