Подобрување на патиштата и канализација во Калуѓерица и Воиславци

Во радовишките села Калуѓерица и Воиславци се инвестираат над милион евра за изградба на фекална канализација и за подобрување на патната инфраструктура.

Увид во градежните активности на изградбата на фекалната канализација во Калуѓерица денеска извршија министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, придружувани од општинското раководство.

Канализацискиот систем во Калуѓерица ќе биде во должина од 15 километри.

- Изградбата на фекалната канализација во Калуѓерица е ветена пред неколку години и реализацијата е во тек. Тоа е значајна инвестиција што ќе реши долгогодишен проблем на жителите. Веднаш по неа во текот на годинава ќе следи и изградба на улиците во ова и соседните населени места каде исто така се поставува фекална канализација, рече Груевски.

За фекалната канализација во Калуѓерица и Воиславци, финансиската конструкција изнесува 42 милиони денари, а по десет милиони денари се наменети за проекти за локални патишта, сите обезбедени преку Владата.

Општината, како што информира градоначалникот Сашо Николовски, од сопствени средства во изминатиот период спровела проекти за мултифункционални игралишта, осветлување паркови...

Жителите на Калуѓерица на средбата со Груевски и Мисајловски побараа изградба на клучка за поврзување со новиот регионален пат Струмица-Радовиш за да им се скрати времето за патување. Барањето ќе биде разгледано иако не е планирано во програмата. 

 
 
18.03.2016 - 17:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа