Владата ги слуша граѓаните - се решаваат проблемите

Се решаваат проблемите на граѓаните. За разлика од порано, кога министрите и директорите на јавните претпријатија седеа во своите удобни фотелји и не знаеја со какви предизвици се соочуваат луѓето, оваа Влада покажа дека може да се работи и на поинаков начин, преку директни средби и теренски посети да се воочат условите и отворените прашања, да се најде решение во рамки на можностите, пишува Лидер.

Згрижување на поранешните професионални војници

Се исправа неправдата кон поранешните професионални војници во АРМ. Владата донесе одлука – 112 поранешни припадници на професионалниот состав на Армијата ќе бидат вработени во државните институции.

„Од нив, 19 лица ќе бидат вработени во институциите на Министерството за здравство, 19 ќе бидат вработени во рамките на Управата за извршување на санкции,  45 поранешни професионални војници ќе бидат вработени во Министерството за правда, во Судската полиција и 29 поранешни професионални војници ќе бидат вработени во Министерството за одбрана“ – вели портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.

Се работи за решение за оние професионални војници на кои им престана службата во АРМ поради исполнување на старосната граница од 35, односно 38 години возраст, и кои по исполнувањето на професионалниот договор останаа невработени, па поднесоа барање за вработување.

Како што пишува Лидер, за да им се олесни, војниците ќе бидат вработени блиску до нивното место на живеење и тоа на работни места кои одговараат на нивните квалификации.

„Со ова се вработува и последната група на поранешни професионални војници, што практично значи и исполнување на последното барање на професионалните војници од аспект на решавање на нивниот статус. Овој директен позитивен одговор на Владата на нивните барања претставува дел од пошироката палета на мерки, активности и проекти чија цел е унапредување на условите за припадниците на АРМ“ – вели Ѓоргиев.

Решение и за пожарникарите!

Освен за војниците, се најде решение и за пожарникарите, откако дел од нив своите барања му ги пренесоа на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Груевски се избори проблемот конечно да биде решен. На пожарникарите им се признава исклучително важната работа што ја извршуваат, па затоа и ќе добијат статус на овластени службени лица од областа на безбедноста, што предвидува и бенефициран стаж. Сега, 12 месеци ефективна работа ќе им се сметаат за 15 месеци пензиско осигурување.

„За време на теренската посета во Охрид, која ја имав во ноември минатата година, во рамки на која имав редовни средби со граѓани, вработен во територијалната противпожарна единица ја истакна потребата од законско допрецизирање и регулирање на статусот на пожарникарите во Република Македонија. Тоа беше доволна причина, но и аларм да се изанализира состојбата и да се понуди квалитетно решение. Ова е добар и позитивен пример за тоа како отвореноста, блискоста со народот и реалниот пристап кон работите придонесуваат за системски решенија од интерес за граѓаните“ – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Пожарникарите велат дека ова е вистинско признание за нивните труд и залагање со кои досега се спасени илјадници животи и домови, пишува порталот Лидер.

„Сите наши забелешки кои беа доставени од фелата се прифатени, сакаме да бидеме еден прав сегмент во државата“ – вели командантот Благоја Менковски, од територијалната противпожарна бригада.

Се слушна гласот и на земјоделците

Причина за задоволство имаат и земјоделците. Субвенциите се зголемуваат од година во година, се кофинансира набавката на механизација, има нови поволности за легализација и за регистрација на механизацијата, се скратија роковите за исплата на производството. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја донесе мерката за зголемување на рокот на важност на регистрацијата на земјоделската механизација на шест години, како и одлуката да се пролонгира рокот за легализација на механизацијата.

„Земјоделците беа премногу оптоварени од тоа што земјоделската механизација требаше да ја регистрираат секоја година. Тоа за нив се големи трошоци“ – објасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Ова е направено на наше барање. Ние сега не сме само декларативни економско-социјални партнери во областа на земјоделството, туку голем дел од нашите барања и предлози се прифаќаат и се реализираат“ – вели претседателот на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија, Ефтим Шаклев.

Поволности за пензионерите, работа за младите

Зголемени пензии, бесплатна бањска рекреација, бесплатни автобуски и железнички превоз, поевтини лекови – ова се само дел од мерките кои се преземаат за да им се зголеми стандардот на околу 300 илјади пензионери во земјава.

Како што додава Лидер, можноста бесплатно да патуваат со воз ја добија и младите до 27 години, секој прв и трет викенд во месецот. Редовните студенти на државните факултети добија можност бесплатно да се возат во градските автобуси, воведена е и „средношколска среда“, преку која бесплатно можат да се посетуваат музеи, кина, театри. Се воведоа стипендии за студирање на најпрестижните универзитети, се работи на подобрување на вештините на младите, но активно се работеше и на нивно вработување, преку мерката „вработување млади до 29 години“.

„Оваа мерка за вработување млади до 29 години со значително ослободување од трошоците кои ги имаат работодавачите, односно приватните компании за отворање нови работни места преку ослободување од 37% до бруто-платата за отплаќање придонеси за секое нововработено младо лице до 29 години во рок од 12 месеци, со обврска да ги задржат на работа уште дополнителни 12 месеци, се покажа како една од најуспешните. Мерката вроди со 12.160 вработувања“ – вели дополнителниот заменик – министер, Диме Спасов.

Се проведуваат цел сет мерки за повеќе категории, дел од нив произлезени лично од граѓаните, преку кои се подигнува квалитетот на животот.

 
 
14.03.2016 - 09:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа