Одбележани 73 години од холокаустот на македонските Евреи

Еврејската заедница во Македонија одбележува 73 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во нацистичкиот логор Треблинкa, пишува МИА.

evrei

Цвеќе пред споменикот на македонските Евреи во Тутунскиот комбинат денеска положија делегации од Собранието на Република Македонија, Владата, министерот за одбрана Зоран Јолевски, дипломатскиот кор, политички партии и граѓани.

Претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ потсети на мачењата и ужасниот крај на Евреите од нашата држава.

– Сите беа собрани во раните зори и донесени во привремениот концентрационен логор во Монополот. Историјата е полна со трагедии, а холокаустот останува како општо мерило за најголемото можно зло. Испишува податоци, бројки и педантно евидентирани извештаи. Овие броеви ќе ги набројуваме до недоглед, дека ова се само броеви, а тие беа луѓе, истакна Романо Николиќ.

Порача дека ова чествување пред Монополот се посветува на иднината, на, како што рече, онаја иднина која му прилега на човекот.

Ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година полицијата на тогашната фашистичка Влада на Бугарија во соработка со германскиот окупатор уапсила 7.148 македонски Евреи или 98 проценти од вкупната еврејска популација во Македонија. Најмногу биле од Скопје, Битола и од Штип и по неколку семејства од други градови. Биле доведени во Монполот во Скопје (денеска Тутунски комбинат) каде што им биле конфискувани пари и накит. По неколку дена поминати во привремениот логор биле натискани во сточни вагони и во екстремно тешки услови транспортирани во логорот на смртта и веднаш егзекутирани.

Сите 7.148 убиени македонски Евреи биле евидентирани. Списоците со податоци за секој од нив одделно МАНУ ги објави во Зборник во 1984 година. Околу два процента Евреи од земјава ја избегнале депортацијата зашто биле во НОБ или успеале да се скријат. Еврејската заедница е обновена во 1944 година. Со формирањето на државата Израел во 1948-ма, многумина од преживеаните македонски Евреи се преселиле во светата земја.

 
 
11.03.2016 - 12:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега