Иванов: Време е за трансформација на општествата и меѓусебно почитување

Неопходно е многу повеќе да се познаваме меѓу себе и да се почитуваме меѓу себе. Се што се случува на Блискиот Исток е директно поврзано со се што се случува и на Кавказ и на Балканот. Неопходно е да прејдеме во нова фаза како човештво, време е за трансформација и метаморфоза, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој денеска учествува на 4. Глобален Баку форум во организација на меѓународниот центар Низами Ганџави, во Баку, Азербејџан.

Со оглед на актуелните случувања, Иванов потенцираше дека најголемиот предизвик е како различните идентитети да живеат и да напредуваат заедно, и покрај нивните најдлабоки разлики.

- Наместо европска традиција на толеранција кај нас се практикува традиција на меѓусебно почитување. Нешто што е повозвишено од обичното толерирање на различноста. Тоа почитување довело да живееме во различни општества, со многу религии, многу етнички групи и многу јазични групи, истакна претседателот Иванов.

Тој порача дека мирот меѓу муслиманите и христијаните е неопходен за одржлив мир во светот, но дека мирот меѓу религиите не смее да се гради по цена на нивните различности.

- Во Уставот на Република Македонија има пет официјални религии. Ние имаме 600 години искуство со Исламот и тоа не не направи помалку христијани, ниту муслиманите ги направи помалку муслимани. Меѓутоа, од секогаш, сме ја негувале традицијата на почитување. Најдобар пример за тоа е Мајка Тереза, која е родена во центарот во Скопје, рече македонскиот претседател.

Иванов потсети дека за справување со секојдневните предизвици и решавање на проблемите неопходна е зголемена комуникација и соработка меѓу државите.

- Никој не се бави со причините, туку со последиците. Сите зборуваме дека во Европа има еден милион бегалци, сите знаеме дека имаме конфликти, но никој не кажува кои се причините за тие војни. Проблемите не се решаваат со декларации и самити, туку со меѓусебно спознавање и почитување, рече Иванов во обраќањето.

Иванов потсети дека организираните криминални мрежи, радикалите, џихадистите, соработуваат многу потесно и многу повеќе ги користат придобивките од 21 век, отколку што соработуваат безбедносните,  полициските служби и меѓународните организации.

Претседателот истакна дека ни се потребни радикални промени, поголема хуманост и праведност.

На форумот на кој учествуваат над 100 актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, како и голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот и бизнис заедниците,  главни теми се мултикултурализмот и прашањата за интеграцијата, меѓуверскиот дијалог, состојбите во Украина и преземање на глобална одговорност за Сирија и бегалската криза.‎

Учеството на претседателот Иванов на 4. Глобален Баку форум е во согласност со ангажманот и посветеноста на целите на Алијансата на цивилизациите на Обединетите Нации и во фунцкија на подготовка на претстојниот Самит на Обединетите Нации, што ќе се одржи во Баку на крајот на април.

На сесијата „Состојбата на светот денес и што треба да направиме за клучните предизвици”, покрај претседателот Иванов, учествуваа и азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, албанскиот претседател Бујар Нишани, црногорскиот претседател, Филип Вујановиќ, членот на босанското претседателство, Младен Иваниќ, како и поранешните претседатели на Финска и на Боливија, Халонен и Кирога и поранешните премиери на Норвешка и на Израел, Гро Харлем Брунтланд и Ехуд Барак. 

 
 
10.03.2016 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега