Лазаров: ВМРО - ДПМНЕ не се согласува со листата на СДСМ за нови спомници

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласаше воздржано за предлозите на советниците од СДСМ и Андреј Жерновски за поставување нови спомен одбележја во општина Центар, од едноставна причина што не се согласува со листата која ја понудија, нагласи на денешната прес-конференција Томислав Лазаров.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, истакна тој, нема ништо против тоа што СДСМ и Андреј Жерновски одлучиле да постават шест нови спомен одбележја во Центар, но сметаме дека нема потреба од повторување.

За советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, посочи Лазаров, нема апсолутно ништо спорно во тоа да им се изгради спомен одбележје на истакнати историски личности или значајни историски настани.

- Сметаме дека во Центар постојат и други личности и традиции кои заслужуваат да бидат одбележани, но за тоа мора да се дискутира, а не одлуките да се носат конспиративно и подалеку од очите на јавноста, рече на прес-конференцијата Лазаров.

Според него, јавноста треба да знае зошто Андреј Жерновски и советниците од советничката група на СДСМ одлучија да се градат спомен одбележја на „Играчи на Фанта“ и „Железничката колонија“.

- ВМРО-ДПМНЕ не ја спори одлуката да му се изгради спомен одбележје на „Кројач Ангелковски“, но треба да се размисли и за изградба на спомен одбележја на и други личности кои оставиле печат во живеењето на Скопје и кои заслужуваат ист третман како и „Играчите на Фанта", рече Лазаров.

Тој нагласи дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе го поддржува позитивниот однос на општината кон значајните личности од историјата на Македонскиот народ и од тие причини, како што знае јавноста, ВМРО-ДПМНЕ преку изградба на спомен одбележја им оддаде должна почит на Гоце Делчев, Методија Андонов Ченто, на Павел Шатев и на десетици други кои оставиле траен печат во историјата на Република Македонија.

 
 
06.03.2016 - 15:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега