Груевски промовираше 7 нови значајни мерки за младите лица

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денес промовираше 7 значајни мерки за младите.

Првата од нив е наменета за младите кои доаѓаат од самохрани или еднородителски семејства.

-Ќе ја намалиме партиципацијата за 50 отсто за студентите од самохрани и еднородителски семејства. ВМРО-ДПМНЕ континуирано води грижа сите граѓани да имаат еднаков пристап до високото образование. Социјалниот статус не треба да биде пречка за реализација на амбицијата и за стекнување на факултетска диплома. Предвидуваме намалување на партиципацијата за 50 проценти за сите студенти од прва до четврта година на државните факултети, кои се деца на самохрани родители, односно потекнуваат од еднородителско семејство во кое вкупните приходи се под износот на нето минималната плата утврдена во земјата, рече Груевски.

За оваа мерка Владата секоја година ќе носи одлука за квоти за секој факултет. Мерката ќе почне да се реализира од септември 2017-тата, во соработка со МОН и МТСП.

Владата на Република Македонија согласно законот за високо образование досега ги ослободи од партиципација дечињата од социјално ранливите категории и децата без родители.

Средствата за партиципацијата се покриваат од Буџетот на Република Македонија.

Најавувајќи ја втората мерка потенцира дека влогот во математичките познавања како основа на речиси сите природни науки придонесува кон продуцирање на кадри со изразени когнитивни способности, информатичко-аналитички вештини, логичко размислување и решавање предизвици.

-Никогаш математиката сама за себе не била цел туку суштинска алатка за постигнување други цели и отворање на значителни можности. По примерот на многу земји предвидуваме отворање на специјализирана  национална математичка гимназија, која ќе нуди образование по посебни наставни планови и програми креирани и одобрени од Биро за развивање на образованието и поддршка од Природно-математичкиот факултет и МАНУ, кои ќе бидат дел од вонредниот наставен кадар и поддршка на редовниот, истакна тој.

Математичката гимназија ќе биде сместена во Скопје и ќе има ограничен број на места во секоја учебна година. По подготовките и ангажирањето на стручен кадар ќе биде отворена во 2017 година, а ќе има и кампус за учениците кои ќе имаат потреба за сместување, а ќе има и можност за дисперзирани студии во други градови.

Гимназијата ќе биде опремена со компјутерски лаборатории за изучување на математика и други сродни области,а ќе се изучува и напредна математика.

Ќе се гради нов отворен базен во комплексот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

-Согласно потребите на СЦБТ, согласно на тоа што таму постои аква-парк кој одлично функционира, базенот ќе биде дополнителна нова понуда. Трошоците за изградба се 740.000 евра. Почеток на градба е предвиден за 2018-та година. Со ова, заедно со проектот за затворени тениски игралишта и затворена гимнастичка сала, како и постоечките, ќе се добие современ центар за рекреација за скопјани и сите други граѓани кои доаѓаат тука, заклучи Груевски.

Во Охрид ќе се гради нов Конгресен центар, замислен да биде еден од најрепрезентативните конгресни центри во Европа, одлично место за сите видови настани изведен по највисоки стандарди.

Изградбата на центарот денеска ја најави Никола Груевски, при своето обраќање во кое најави и низа други проекти во корист на младите лица во земјата.

-На Охрид како туристички центар, но и на Македонија и недостасува ваков простор со врвно опремени сали, ресторан и паркинг. Конгресниот центар ќе претставува современо место за организирање на голем број младински и конференциски настани, годишни собранија, концерти, конференции на меѓународни асоцијации, корпоративни конференции и различни гала вечери. Предвидени се содржини за 3-4 мултифункционални сали за саемски изложби, состаноци и слично, со капацитет до 150 луѓе, голема сала за најмалку 1000 луѓе, 5-6 помали за билатерални средби, односно капацитет од околу 1500 лица кои во исто време ќе може да присуствуваат во центарот. Ќе има и соодветен ресторан, опрема, аудио и видео контролна соба, интернет, звучна изолација и сите елементи потребни за ваков модерен и современ центар кој најмногу ќе биде користен од младите лица, потенцираше Груевски.

Објектот ќе започне да се гради во првата половина на 2017 година откако ќе бидат преземени подготвителни активности за вцртување во деталниот урбанистички план на Охрид, изработка  на проекти и избор на изведувач.

Проектот ќе чини 10 милиони евра, а Конгресниот центар ќе биде лоциран на само 15 минути од аеродромот во Охрид, во населбата Даљан.

Пазарот на труд има  потреба од кадри од техничките факултети, а поради дефицитот, ВМРО-ДПМНЕ промовира нова мерка за стимулација за упис на овие факултети.

-Популаризацијата на техничките науки кои се дефицитарни е дел од пошироката стратегија за целокупен економски и индустриски развој на Република Македонија. Кадри недостасуваат на пазарот на трудот. Затоа во академска 2017-та и-2018-та ќе им овозможиме на сите студенти од семејства со приход не поголема од просечна нето плата, а ќе запишат за прв пат на овие факултети, да влезат во државна квота, да плаќаат 200 евра, наместо 400 евра годишно. Условот е да не презапишуваат предмети, рече Груевски.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ова ќе придонесе да се стимулираат што повеќе млади да се запишат на техничките факултети.

Груевски денеска како дел од бројните нови проекти го јанави и возобновувањето на Учителската школа во Скопје.

-Ова предвидува реизградба на зградата на некогашната педагошка образовна установа, а која целосно беше уништена за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Планирано е да се опфати во програмата за инфрастурктурни инвестиции на МОН и Министерството за култура во 2017 година. Потоа ќе биде просторно решение за некоја од државните високообразовни установи која во моментот нема свои простории, а младите ќе учат во технички напредни простории и во современи услови, а град Скопје ќе добие репрезентативен проект, потенцираше тој.

Изградба на современи и подвижни бини за настани и манифестации на плоштадите. Ова е еден од седумте нови проекти наменети за младите лица кои денес ги најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Во овој проект е превидено градот Скопје по теркот на современите метрополи да изгради вкупно 6 функционални и подвижни бини со цел зголемување на културната и забавната понуда на младите. Ќе бидат опфатени 6 различни плоштади:плоштад Македонија, плоштадот Филип Втори, плоштадот Мајка Тереза, плоштадот Пресвета Богородица кој за месец-два ќе биде целосно завршен, плоштадот Скендербег и плоштадот ВМРО, рече Груевски.

Тој потенцира дека согласно планот за активности на надлежните институции, на овие места ќе има најмалку два пати неделно различни младински настани од културен, едукативен, концертен карактер.

-Ќе се потрудиме да има речиси секој ден во различно време настани на сите овие плоштади користејќи ги овие бини. До самите бини ќе има донесена електрична инсталација за да можат да бидат приклучени сите електрични уреди кои се потребни за тие кои ќе прават одреден настан на самата бина. Нивната функција ќе биде анимација на младите и овозможување на корисен простор и збиралиште на младите. Бините ќе бидат монтажни, подвижни и соодветно декоративно уредени во просторот. Првите две бини ќе бидат поставени оваа година, на плоштадот ВМРО ако успешно се завршат подготовките ќе биде готов мај-јуни, а втората на плоштадот Мајка Тереза, најдоцна до крајот на оваа година. Потоа во периодот што следи ќе се постават и преостанатите 4 бини, рече Груевски.

 
 
18.02.2016 - 15:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега