Кога сопругот на Шекеринска ќе биде повикан пред судот?

Сопругот на Радмила Шекеринска треба да биде повикан на суд, а јавноста има право да знае кога ќе се случи тоа.

Јавното обвинителство на Република Македонија вчера информираше  дека е поведена постапка против едно лице за сторено кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување“, односно за сопругот на заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, Божидар Јанковски поднесен е Предлог за определување на Мерки на претпазливост.

-Ценејќи дека се исполнети законските основи, до судија на предходна постапка во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, поднесен е и Предлог за определување на Мерки на претпазливост и тоа: привремено одземање на патна исправа, односно забрана за нејзино издавање и обврска за повремено јавување во суд, стои во нивното соопштение.

Сопругот на Шекеринска се сомничи дека злоупотребувајќи ја службената положба и овластување, како службено лице вршел закуп на станови на кој се јавува како приватен сопственик. При тоа, по вршење на закупот, просториите не биле користени од страна на друштвото што го управувал.

Од Основниот суд Скопје 1, за КУРИР информираат дека го имаат добиено барањето од Јавното обвинителство за мерки за претпазливост за Божидар Јанковски.

-Барањето е добиено. Во моментов истото е во постапка, а кога ќе има одлука тогаш ќе информираме, рече портпаролката на судот, Паула Божиновски.

Конкретен датум не е познат, но сопругот на Шекеринска во брзо време би требало да биде повикан на распит за делата за кои се терети.

Јанковски дал лажен исказ

Како што веќе објавивме, тој во својот исказ пред полицијата ги вмешал регионалните директори на Дајнерс и со тоа отворил простор за сомнеж за целокупното функционирање на компанијата.

При водењето на истрагата, сопругот на Шекеринска дал лажен исказ. Имено, осомничениот се повикувал дека станбениот простор кој го закупувал во име на Дајнерс бил користен и од странски државјани, но при проверките во евиденциите на странски државјани, утврдено е дека лицето спомнато од Јанковски, воопшто нема пријавено привремен престој. Со тоа е утврдено дека Бобо-Дајнерс дал лажен исказ.

Од извршениот увид на управните служби на МВР утврдено е дека првопријавениот и членовите на неговото семејство просториите кои ги изнајмувале ги имале пријавено и како адреси на кои живеат а впрочем на овие адреси и живееле.

Од увидот во секторот за финансиски прашања на град Скопје, утврдено било дека пријавениот го плаќал годишниот данок на имот по повластена стапка од 0.05 проценти својствена за стaнбени простории кои се користат како место за живеење од страна на сопствениците.

Зошто сопругот на Шекеринска лажел дека во становите престојувале директори на Дајнерс кога во становите кои си ги најмувал практично самиот на себе, за голема сума на пари, живеел тој и неговото семејство?

Според пријавата на полицијата , во периодот од 1 јануари 2009-та до 31.12.2013та односно во периодот од 5 години, по основ на закуп на станови, Јанковски и неговата мајка во својство на физички лица закуподавци од една страна и повторно пријавениот од друга страна како одговорно лице во Дајнерс Клуб интернационал мак ДООЕЛ како закупец, склучил повеќе договори за закуп на станбен простор.

Поедноставно кажано, Јанковски склучувал договори за закуп самиот со себе.

За тековната 2009-та година од јануари до октомври исплаќана е  кирија од 2100 евра за стан на улицата Васил Ѓоргов во Скопје. За стан во Охрид пак за месеците ноември и декември е исплатена кирија од 900 евра месечно.

МВР: За 5 години на сметка му легнале 300.000 евра

Синот како директор на Дајнерс според МВР исплаќал и пари кон мајка си. Од 1-ви ноември 2009-та до февруари 2013-та авансно на 12 ноември 2009-та се исплатени кирии во износ од речиси 90.000 евра за стан на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Вкупно во 2009-та се исплатени над 100.000 евра по основ на кирии.

Во 2010-та година исплаќана е кирија за стан на улица „Хаванска„ по цена од 2500 евра месечно од јули до ноември, а во месец декември закупнината скокнала на 2900 евра. За станот во Охрид, Јанковски сам на себе си исплатил кирија од 27.000 евра.

Во 2011-та исплаќана е закупнина за станот на улица „Хаванска“ по цена од 2900 евра месечно во месеците јануари и февруари. Од март до крајот на годината закупнината драстично се зголемила на дури 5300 евра мeсечно. Во текот на оваа година директорот на Дајнерс сам на себе си исплатил 70.000 евра.

Во текот на 2012-та за истиот стан исплаќана е закупнина по цена од 5300 евра месечно или на годишно ниво 50.000 евра од Бобо Дајнерс за Божидар Јанковски.

Истата математика била направена и во 2013-та кога повторно за станот на „Хаванска“ биле исплаќани по 5.300 евра месечна кирија.

Вкупно за периодот од 5 години од сметката на Дајнерс на сметката на сопругот на Радмила Шекеринска биле префрлени нешто под 20 милиони денари или над 300 000 евра.

 
 
18.02.2016 - 12:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега