Иванов- Соботка: Политичките и економските односи меѓу Македонија и Чешка се во континуирана нагорна линија

 
Политичките и економските односи меѓу Македонија и Чешка се во континуирана нагорна линија, заклучија на средбата претседателот Ѓорге Иванов и чешкиот премиер Бохуслав Соботка на средбата во Прага што се одржа попладнево пред вонредниот самит на Вишеградската група.
 
На средбата Иванов и Соботка разменија мислења за можностите за натамошно унапредување на односите во сите области од заеднички интерес, особено за подобрување на економската соработка, поттикнување на трговската размена и соработка во делот на инвестициите, јави известувачот на МИА од Прага.
 
Тема на средбата беше и евроатланската интеграција на Република Македонија при што македонскиот претседател ја истакна нашата одлучна посветеност на заложбата за почеток на пристапните преговори со ЕУ и зачленувањето во НАТО, како наш највисок стратешки приоритет. 
 
Во однос на актуелните предизвици со бегалската и мигрантската криза претседателот Иванов го реафирмираше ставот на Република Македонија за сеопфатно европско решение, сo заеднички критериуми за редуцирање на нелегалниот наплив на мигранти, поефикасна заштита и конотрола на границите и регистрација на бегалците.
 
Во таа насока, македонскиот претседател посочи дека Република Македонија значително го намали нелегалниот проток на мигранти кои немаат основа да бидат баратели на азил во ЕУ, воспостави систем на контрола и регистрација и спроведување на основаните баратели на азил на хуман и безбеден начин, а во интерес на нашата земја е да имаме соработка со Грција и сите засегнати земји, да нема еднострани решенија и сите заедно да дејствуваме кон зајакната гранична заштита и безбеден и хуман третман на сите кои имаат потреба од меѓународна заштита.
 
Соботка, оддавајќи признание за начинот на кој Република Македонија се соочува со бегалската криза, истакна дека денешниот Самит на Вишеградската група има за цел да покаже солидарност и да им помогне на балканските земји во справување со бегалската криза.
 
Попладне претседателот Иванов ќе учествува на вонредниот самит на Вишеградската група. Во македонската делегација е и министерот за здравство и раководител на Управувачкиот комитет за координација со системот за управување со кризи Никола Тодоров
 
 
15.02.2016 - 16:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа