Средновековна црква во подножјето на струмички Цареви кули

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на култура Струмица ги реализираа заштитните археолошки истражувања на средновековната црква во подножјето на Цареви кули. Цел на истражувањата, кои со поддршка на Министерството за култура ќе продолжат и оваа година, беше откривање на целосниот габарит на црквата и следење на фазите на нејзината изградба, како и откривање на просторните, архитектонските и културолошките карактеристики на објектот и утврдување на стратиграфските слоеви и хронологијата.

Црквата во подножјето на Цареви кули била дел од урбаното јадро на средновековна Струмица, а според архитектурата, како и скромното сликарство, датирана е од периодот од крајот на XIII  и XIV век. Со ископот се дефинираа димензиите на црквата, која била со должина од 10,2 метри и ширина 5,9 метри, а станува збор за еднокорабна црква. Со истражувањата беа откриени три влеза, главниот на западната и два споредни на јужната и на северната страна, а според потребите, тие во одредени временски периоди биле затворани (заѕидувани). На влезната партија на западната страна, археолозите наидоа на фрескоживопис во „in situ“ положба, кој е со претстави на стилизирани флорални мотиви.

Имајќи го предвид фактот дека досега откриените сакрални градби во градот: Св.15 Тивериополски Маченици и црквата во старото урбано јадро на Струмица, под темелите на Орта џамија, се дел од духовно–уметничкиот развој на средновековната култура на Струмица и пошироко,  овој сакрален објект бил една од алките кои ја надополнуваат христијанската традиција на градење сакрални храмови,  информира Министерството за култура.

 
 
10.02.2016 - 11:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега