Поповски: Храната се мониторира и е безбедна

Гарантирам дека храната е безбедна и контролирана на највисоко ниво. Граѓаните може да бидат мирни, мониторирањето се спроведувало и се спроведува, изјави денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Поповски, отфрлајќи ги обвинувањата на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Според Поповски, ако Николовски сака да предизвика немир кај јавноста, нема да успее зашто не ги земал предвид фактите, а тоа се резултатите од мониторирањето кои се објавуваат секоја година и се транспарентни.

– Резултатите од мониторингот секоја година ги кажуваме јавно. Тоа го направивме и за лани кога беа земени за анализа 1.133 примероци. Само 22 или 0,97 отсто од нив биле позитивни што е пофална бројка зашто просекот во ЕУ е нешто над еден процент, истакна директорот на АХВ.

Уште една потврда дека храната во Македонија е безбедна, рече Поповски, е извозот што се реализира во Европската унија, Кина, Русија, САД…

– Македонија не би можела да извезе ниту грам храна ако системите за безбедност не се на највисоко ниво како што бараат странските пазари, подвлече Поповски.

Одговорајќи на новинарски прашања, потенцира дека и да биле склучени договорите со Ветеринарниот факултет, Институтот за јавно здравје и Државната фитосанитарна лабораторија, мониторингот  во периодот што го посочува Николовски од мај до септември минатата година не значи дека ќе се спроведувал.

– По вчерашното мое образложение, и најмалите деца можат да ја разберат разликата меѓу официјалните контроли и мониторингот, но не и дополнителниот заменик министер кој, како што и самиот кажа, не е доволно упатен во оваа проблематика, нагласи директорот, додавајќи дека одговорност во овој случај не треба да сноси никој зашто законот не е прекршен, а храната се контролира, безбедна е и се извезува.

 
 
09.02.2016 - 14:41
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега