Груевски: Инвестицијата во младите е инвестиција во иднината

Секоја инвестиција на државата во младите луѓе е инвестиција во својата иднина, во својот развој и во обезбедувањето капитал кој е трајна вредност која се исплати неколкукратно, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој промовираше шест нови мерки наменети за младите.

Тој нагласи дека во изминатите два месеца се промовирани 14 мерки кои веќе се во тек на реализација и стануваат реалност.

- Со нас знаете дека сте на сигурно и дека ветеното го реализираме. И ние покажавме дека точно знаеме што ветуваме и колку ветуваме. Одмереноста е одлика на сериозноста со која пристапуваме, но и искрениот однос кој го имаме. Нам ни е целта да обезбедиме сигурност и решавање на конкретни проблеми. Затоа говориме и за рокови, говориме за конкретни работи кои се од корист за оние на кои се наменети, нагласи Груевски.

Осврнувајќи се на 14-те мерки кои веќе се реализираат, Груевски оцени дека за проектот „Купи куќа за млади“ постои голем интерес и оти со цел негово поуспешно спроведување веќе се отворени канцеларии во 33 општини каде младите одблизу може да добијат информации за проектот. Исто така, посочи Груевски, во соработка со градоначалниците се работи и на изградба на типски населби каде младите ќе може да дојдат до свој дом.

Како успешни ги посочи и проектот за бесплатен јавен превоз на студенти кој почна да се применува од јануари годинава. 

- Во првиот месец на примена, над 12.500 студенти започнале да ја користат и овој број постојано расте. Можам да кажам дека само во првите три дена од февруари, овој број се зголеми за нови илјада студенти, односно вкупно 13.540 кои извадија соодветна документација и го користат бесплатниот превоз, рече Груевски.

Голем интерес, според него, има и за проектот средношколска среда со кој на средношколците им се обезбедени бесплатни билети за театрите, музеите, кината и за жичарницата на Водно. 

Направени се и сите подготвителни активности за мерката со која се обезбедува бесплатно наградно патување за најдобрите студенти на трите најдобро рангирани универзитети и се очекува веќе во мај-јуни да отпатува првата група студенти.

Од почетокот на следната година се очекува да започне и изградбата на перални и сушални во 10-те државни студенски домови, а од март годинава и бесплатните курсеви за компјутерски вештини и за странски јазици за околу 200 млади лица до 29 години.

- Веќе се прават неопходните подготовки за стартување на проектот за бесплатен железнички викенд кој ќе започне да се применува согласно планираното од наредниот месец. Со ова младите до 27 години ќе имаат можност за добивање на бесплатен повратен билет кој ќе може да го користат железничкиот сообраќај, секоја прва и трета недела од месецот, појасни Груевски.

Тој соопшти дека активно се работи и на зградата каде ќе биде сместена големата мултифунционална читална во Скопје, како и на новото матично.

- Во таа насока веќе од оваа сабота, за првпат ќе започне да се користат и новите алтернативни екслузивни простории во Музејот на македонската борба, каде ќе се случи првата регистрација на брак и просториите на Порта Македонија, истакна Груевски.

Тој додаде дека се преземаат и првичните активности за реализација на проектот за изградба на 150 мултифунцкионални баскет игралишта, како и за комплетното реновирање на Универзитетската библиотека во Скопје и за отворањето и опремувањето на нови читални во Струмица, Аеродром и Велес.

- Зад секој од овие проекти стои детално разработен план кој ќе се спроведе од надлежните институции раководени од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски.

 
 
05.02.2016 - 17:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа