Странската експертска помош за домашните компании придонесува за нови вработувања

Во рамки на вториот циклус од владиниот проект за ангажирање на странски експерти за домашните компании, заклучно со март ќе бидат опфатени над 20 домашни компании кои ќе ја користат странската експертска помош. Во дел од овие компании експертите веќе ги реализираа своите мисии а во останатите експертите ќе пристигнат во следните неколку недели.

Проектот со кој Владата овозможува, преку странски организации кои нудат ваков вид на експертска помош, покривање на најголемиот дел од средствата потребни за ангажирање на странскиот експерт, пред се главните трошоци како што се надоместокот за ангажман на експертот, дневници за работа и транспортот, од земјата во која функционира експертот во Македонија и обратно, е одлично примен од страна на домашните компании и токму од тие причини истиот продолжува со неговата реализација.

-Проектот е успешен и се одвива согласно зацртаната динамика. До сега се договорени над 20 мисии, посети на странски експерти во домашните компании. Над 20 компании компании кои што се наоѓаат во 8 градови во Република Македонија и имаат вкупен број на вработувања над 1.100 лица и претставуваат најразлични стопански сектори. Дел од овие мисии се веќе реализирани а останатите треба да се комплетираат финишираат во текот на месец февруари и март со што би следувал нов циклус до почетокот на летото и уште најмалку 20 странски експерти кои што ќе остварат посета на нашата земја, појасни Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Од домашните компании кои се опфатени со странските експерти во овој период, 8 компании се занимаваат со производство на производи за секојдневна потрошувачка, 6 компании се од областа на индустриското производство, 5 од услужната област а останатите се од областа на технологијата.

Од овие компании 8 се лоцирани во Скопје, по 3 во Струмица и Струга, 2 во Прилеп и по една компанија во Охрид, Ресен, Битола, Велес и други градови.

-За нас е исклучително битно затоа што корисниците на овој проект во рамките на првиот циклус имаат истакнато дека ги подобриле своите деловни резултати како резултат на посетата на странскиот експерт. Од аспект на Влада е многу битно што отвориле нови работни места и ние тие позитивни резултати ги очекуваме и од компаниите кои што ќе учествуваат во вториот циклус на проектот. Постои двостарна корист од една страна се помага на компаниите, се подобруваат нивните деловни резултати  а од друга страна се вработуваат лица во рамки на претпријатијата, додава Ѓорѓиев.

Вкупно во рамките на вториот циклус од проектот за странски експерти аплицираа 64 домашни компании, со вкупно 70 апликации за ангажирање на странски експерт. 46 апликации се од мали компании кои имаат од 5 до 49 вработени и 24 апликации кои се поднесени од средни компании кои имаат од 50 до 250 вработени лица. Најголем е бројот на компаниите кои се занимаваат со производи за секојдневна потрошувачка (33 %), потоа од компаниите од секторот услуги (27 %), како и од компании од областите индустриско производство (24%), технологијата (10%), производството на базични материјали и од областа на здравството (по 3%).

На првиот оглас аплицираа 100-ина компании. 85% од компаниите каде што престојувал странскиот експерт истакнале дека како резултат на неговата експертиза и подобрувањето на деловниот перформанс од таа експертиза отвориле или се во процес на отворање на нови работни места.

45% од компаниите истакнаа дека  странскиот експерт помогнал во подобрување на производствениот или услужниот процес на претпријатието, 45% истакнале дека имале придобивки во делот на маркетингот, а 10% во делот на процесите на анализа и планирање на дејноста.

 
 
05.02.2016 - 15:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега