МАН остро ја осудува изјавата на Ванхауте: Тоа е говор на омраза и расизам

Македонската асоцијација на новинари (МАН) остро се противи, ја осудува и отфрла квалификацијата на посредникот од Брисел, Питер Ванхауте со која вели дека Македонија не може да има закон за медиуми согласно европските стандарди.

Во продолжение следува интегрален текст од реакцијата на МАН

„Не е добра идејата Македонија да презема европски закон за медиуми бидејќи вие имате поинаков менталитет. Вашите медиуми не можат да се споредуваат со медиумите во другите земји“, изјави Ванхауте по вчерашните преговори со партиите во врска со предлогот на СДСМ за нивни, партиски закон за медиумите.

Го потсетуваме посредникот Ванхауте дека прогласувањето на една нација за инфериорна во однос на други нации е расизам, односно говор на омраза, и бараме оние кои го пратиле во Македонија да се оградат од неговата изјава, и истата да ја осудат. Со оваа изјава на посредникот Ванхауте се повредуваат демократските стандарди и правни акти на Европската унија и државите членки на Унијата.

Ги повикуваме и нашите колеги од ЗНМ, без оглед на нашите разлики по одредени прашања, да ја осудат и отфрлат оваа изјава на посредникот Ванхауте бидејќи таа е упатена до сите медиуми и сите новинари во Македонија, како и македонската нација во целина.

Доколку Македонија нема менталитет и капацитет за европски закони, зошто се бараат од нас европски избори, односно европски правила во секоја сфера на животот. Дали во Европа знаат за оваа и ваква изјава на Питер Ванхауте, и како ваква изјава би поминала пред европските новинари. Особено затоа што постојниот закон за медиуми го изработија европски експерти.

Ова е потврда на ставовите на МАН дека СДСМ и Питер Ванхауте немаат ниту намера, ниту капацитет да менуваат закони за медиуми по теркот на европски процес, туку целта е воведување власт и цензура врз медиумите – нешто што во Европа за среќа го нема.

 
 
05.02.2016 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега