Програмата за рурален развој на Владата сериозна поддршка за развој на општините

Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2016 година опфаќа финансиска поддршка во висина од 2 милијарди 45 милиони денари, средства кои ги користат и општините за развој и инвестиции во инфраструктура, локални патишта, водоводи и канализациони системи а земјоделците за развој на своите земјоделски стопанства, модернизација и набавка на нова опрема.

Токму ова беше тема и на работниот состанок кој вчера го одржа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со дел од градоначалниците и одговорните за раководење на земјоделскиот сектор.

За Груевски програмата има корисна вредност особено во делот на инвестиции во руралните места и е во насока на подобрување на условите за живот на граѓаните.

-Од тој аспект одлучивме ние како политичка гарнитура да се инвестираат поголем број на средства во развој на земјоделието во смисла на механизација, поддршка на поголем квалитет на земјоделските производи, развој на инфраструктурата, градба на улици, патчиња помеѓу едно и друго населено место, водоводи, канализациони мрежи, разни други потреби за помалите населени места и руралните средини, со што значително се помрднаа работите во тој правец и програмата којашто се нуди секоја година дава сериозен ефект во решавање на проблемите на граѓаните, рече Груевски.

Речиси сите  општини кои аплицираа за средства од оваа програма реализираат значајни проекти.

Новаци е една од општините која е успешен пример за реализирани значајни инфраструктурни проекти преку програмата за рурален развој. Само по последниот повик оваа година Новаци доби три проекти од 32 милиони денари. Градоначалникот Лазар Котевски објасни за проектите кои ги реализира оваа општина.

-Тендерите се завршени, имаме три и пол километри. Еден локален пат имаме поврзување со старата општина, бидејќи Новаци е од три општини, огромна територија има. Тука ни имате помогнато преку Агенцијата, ова е трет пат, скоро 9 километри. Останаа уште 4 километри. Ќе видиме понатаму. Имаме и еден километар поврзување на регионалниот пат покрај границата со манастирот Св. Архангел во еден километар и 1 километар имаме асфалтирање на улици во мариовскиот дел. Тие две улици се завршени, а од 15 февруари почнуваме овие два патни правци да ги асфалтираме. Исто така и минатата година добивме околу 30 милиони и навистина голема благодарност од руралните општини, ова е за нас многу, бидејќи тоа е кај некои општини или цел буџет или пола буџет, изјави Котевски.

Токму преку програмата за рурален развој жителите на Драчево ќе добијат Дом на култура која беше барање токму на жителите на ова населено место.

-Прво би сакала да се заблагодарам за ваквата помош и на Владата и на самата агенција зашто Кисела Вода втор пат аплицира и 2013 имавме аплицирано и ни беше одобрен проектот. Тогаш стануваше збор за реконструкција на еден локален пат во с. Драчево за околу 950 жители и тука и самата општина имаше своја контрибуција на средства за да може проектот до крај да го изведеме. И самиот како претседател бевте свесен колкава е заинтересираноста на жителите во село Драчево во однос на реконструкција на тој Дом на култура. Изграден е некаде после земјотресот, долго време стоел затворен на забот на времето. Во моментов фирмата е избрана, потпишан е договор со фирмата, тендерската постапка е завршена. Денеска имавме работен состанок со самата фирма која пристапи кон реконструкција, а додека втората мерка изработката на деталните урбанистички планови и во село Усје и во село Драчево се од огромно значење за Кисела Вода, рече градоначалникчката Билјана Беличанец.

Позитивен пример на искористени средства е и општина Василево е една од општините која редовно реализира по неколку проекти од програмата за рурален развој. по последниот повик се одобрени средства во висина од над 50 милиони денари. Градоначалникот на Василево Ванчо Стојанов објасни дека дел од проектите се започнати а дел се очекува да започнат.

-Еве една добра прилика, големо благодарам на Владата на Република Македонија и Агенцијата за таквата финансиска поддршка, пред се на нас руралните општини. Општина Василево оваа година доби средства во висина околу 50 милиони денари, а ако на тоа додадеме дека имаме 4 милиони денари за изработка на урбанистички планови на три населени места аплицирани преку Центарот на развој на југоисточниот регион, бидејќи оваа година и тие имаа можност да аплицираат, имаме средства во висина од 54 милиони денари за општина Василево само од програмата за 2015 година. Сите постапки се завршени, сите договори се потпишани, веќе на терен имплементираме. Канализацијата во Владевци веќе се имплементира и регулацијата на поројот во населено место Сушево, бидејќи навистина имавме една катастрофална состојба со поројот во Сушево. Значи само за тоа населено место имавме средства во висина од околу 40 милиони денари за регулација на речното корито. Всушност, се работи за суводолица и пат покрај самиот порој и пешачка патека и осветлување, така да ќе добиеме најсовремени услови, всушност тоа ни е целта намалување на разликата на квалитетот на живеење на руралните и урбаните средини, изјави Стојанов.

Во општина Кривогаштани преку оваа програма ќе се гради дел од фекална канализација во Славеј и Крушеани, улици во Кривогаштани и Славеј и плоштад во Кривогаштани. Градоначалникот Затковски посочи дека интензивно се работи на овие проекти.

-Моментално активностите на терен започнуваат оваа недела, потпишани се договори со изведувачите. Работи фирмата „Карпош“ на изградба на улиците и тротоарите, додека двете канализации почнуваат до петок. Се работи за круцијални проекти, некаде околу 35 милиони денари или со претходните општина Кривогаштани за овие две и пол години на двата повици има од Агенцијата за финансиска поддршка добиено 1 милион евра, што мислам дека е една фасцинантна бројка за една мала општина. Благодарение до Владата на Република Македонија и Агенцијата за финансиска поддршка која постојано ни помага, рече Затковски.

Општина Ресен преку оваа програма по последниот повик доби три проекти вредни над 40 милиони денари.

-Минатата година исто така имавме три апликации, ги добивме сите три, по сите три мерки. Износот ланската година беше дваесетина милиони, оваа година е удвоен и нешто повеќе од удвоен. Значи оваа година добивме три проекти по три мерки со вкупно околу 42 милиони денари. Се работи за локален патен правец, целосна реконструкција на локален патен правец магистрала Ресен-с.Лева Река во должина од 2,2 километри и патот е готов, рече градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски.

 
 
03.02.2016 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега