Почина познат македонски сликар

На 1 февруари, поради влошена здравствена состојба, почина академскиот сликар Рафаил Коловски. Роден е на 24 јули 1961 година во Скопје. По завршувањето на средното уметничко училиште во Скопје, дипломира во втората генерација на новоотворениот Факултет за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Петар Мазев. Потоа работи како моден креатор во фабриката Црвена ѕвезда, се' до нејзината ликвидација. Работи и како графички дизајнер во Коро компани. Во текот на целиот свој живот, Рафаил Коловски самостојно работеше како сликар во сопственото ателје. Најмногу сликаше актови, портрети и пејсажи, а последно на што најмногу се концентираше беа апстрактните дела. Беше љубител на аналогната фотографија и поседуваше сопствена лабораторија за развивање фотографии од негатив.

 

Рафаил Коловски е внук на познатиот лазоровски зограф Крсте Коловски, кој ги изработи фреските во скопската црква Св. Димитрија кои се самопрочистија на Велигден во 2012 година. Тој, како член на зографската тајфа на Крсте Коловски, работи и учи од своите татко и дедо, Петре Коловски и Крсте Коловски. Со нив работеше на ѕидната иконографија и на иконите на иконостатите на црквата Св. Архангел Михаил во тетовско Јегуновце, на црквата Св. Петар и Павле во скопската населба Ѓорче Петров и на црквата Св. Георги во владичката резиденција во Криви Дол во Скопје. 

 

Неговите живот и дело се дел од страниците на монографијата Лазороските зографи на Петре Коловски.

 
 
02.02.2016 - 23:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега