Продолжуваат разговорите за медиумите и избирачкиот список

Во Клубот на пратениците се одржува средба на Работната група на претставниците на политичките партии потписници на Договорот од Пржино со посредникот Питер Ванхауте.

Тој пред средбата истакна дека иако има малку време за да се постигне договор, сепак тоа може да се направи доколу партиите тоа сакаат.

- Имаме малку време. Сакам тоа јасно да го кажам, тоа не морам да го кријам. Секогаш сум многу скептичен. Ако не биде оставено доволно време за подготовка на изборите тоа може да биде проблем. Но ние не брзаме, не сакаме набрзина да дојдеме до какво било решение. Потребно ни е добро решение во согласност со демкоратските стандарди и европските вредности. Тоа е најважно. Ако партиите сакаат може да се постигне договор. Не е толку тешко да се дојде до договор, но се сомневам дека ќе има договор. Затоа што треба да се разбере што точно значат демократски стандарди, европски вредности, рече Ванхауте.

Тој ги охрабри сите партии да ги преиспитаат своите позиции во однос на учеството на изборите, но посочи дека тоа не е само одговорност на опозициските партии, туку, како што рече, исто така и на владејачката коалиција да го направи учеството на изборите атрактивно за опозицијата.

На пауза на средбата изјава даде и Дамјан Манчевски од СДСМ кој истакна дека до останатите учесници на преговарачкиот процес во работната група доставивиле предлог со кој што, како што сметаат од партијата, на ефикасен и едноставен начин може да се разрешат останатите две горливи прашања за услови за фер и демократски избори - тоа се прочистувањето на Избирачкиот список и реформите на медиумите.

- СДСМ е подготвен да ги повлече своите забелешки во однос на методологиите за прочистување на Избирачкиот список доколку останатите учесници на преговорите се подготвени да ги прифатат предлозите на меѓународната заедница за реформи на медиумскиот сектор. Прочистувањето на Избирачкиот список и реформата на медиумите се основа и предуслов за фер и демократски избори. Ако ова не е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ и останатите учесници во преговорите тогаш тие не сакаат во Македонија да имаме фер и демократски избори, рече Манчевски, не појаснувајќи кои се предлозите на меѓународната заедница, туку само кусо истакна дека тие се веќе познати.

На средбата учествуваат претставнции на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, како и меѓународни претставници.

 
 
27.01.2016 - 19:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега