Катица Јанева на дело ја спроведува политиката „ќе јадеме живи луѓе“

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на дело ја спроведува изјавата и заканата на Зоран Заев- „Ќе јадеме живи луѓе“.

Таа неосновано и незаконски ги избрка од својот тим обвинителките кои сама ги бараше и предложи. На дрзок начин, без да даде било какво образложение за тоа, Јанева им порача на обвинителките да си одат од каде што се дојдени.

Јанева од својот тим ги избрка Лејла Кадриу и Марија Ѓорѓева.

Кадриу во изјава за Канал 5 телевизија вели дека само Јанева знае зошто тие повеќе не се дел од тимот. Работеле редовно, посветено и одговорно, а зошто Јанева донесе ваква незаконска одлука, никој освен неа не може да знае.

-Работев редовно, сите задачи, како и другите обвинители што се внатре.  За тоа каде настана проблем, ќе ја прашате Катица Јанева. Таа не рече ништо освен дека не сме дел од тимот. Толку, Ништо не ни објасни. Ние прашавме, ама ништо. Немаше никакви несогласувања до моментот кога ни рече да излеземе од канцеларија и да ги предадеме предметите. Немаше никаква забелешка, ни усмена ни писмена. Ние работевме на предмети, а тие се предадени со записник за примопредавање на колегите.  Советот за тоа викаше од почеток дека се доволни 7 обвинители, а обвинителката мислеше дека требаат повеќе. И се удоволи на нејзино барање, вели Кадриу.

Обвинителката вели дека не е точно дека се вишок и дека само Катица Јанева може да знае зошто таа мисли така.

-Само таа знае зошто сме ние вишок или мањак. Тоа таа треба да го каже, зошто носи такви одлуки еднострани и некоректни, несогласни со кодот на однесување на јавните обвинители, заклучи Кадриу во изјавата за Канал 5.

Јанева минатата недела направила скандал кога на своја рака отпуштила двајца обвинители од нејзиниот тим и од нив побарала да ги вратат предметите на кои работат, да ги испразнат бироата и канцелариите и да се преместат кај полицајците кои ги обезбедуваат просториите на СЈО. Според Законот за Специјалното јавно обвинителство единствено Советот на јавните обвинители е надлежен да именува и да разрешува обвинители во тоа обвинителство. Засега не е познато на кои предмети работеле овие двајца обвинители.

Ова го потврди Петар Аневски, претседателот на Советот на јавните обвинители.

Тој соопшти дека минатата среда ги примал обвинителите Лејла Кадриу и Марија Ѓоревска, кои го информирале дека биле разрешени. Објаснувањето на Јанева било дека поради намален обем на работа немало потреба од нивни ангажман.

– Тоа не држи и не е во ред. Знаете дека еден месец се расправавме за бројот на обвинители во СЈО. Наш став беше дека се многу, Јанева дека се малку, но еве сега испадна дека навистина биле многу. Тоа што го тврдевме испадна точно, изјави Аневски.

Катица Јанева спроведува политика која како најава ја даде лидерот на СДСМ уште пред неколку години кога опишуваше дека кога тие ќе дојдат на власт ќе јадат живи луѓе и ќе бркаат вработени од работа.

 
 
27.01.2016 - 16:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега