МИОА: Несериозни се сите обиди за девалвација на реформата на јавната администрација и дефокусирањето на јавноста

Министерството за информатичко општество и администрација во денешната писмена реакција на прес-конференцијата на дополнителниот заменик-министер за информатичко општество Александар Кирацовски наведува дека ова Министерството има широко портфолио на надлежности кои вклучуваат развој на информатичко општество и електронски комуникации, медиумска регулатива и реформа на јавна администрација.

Почнувајќи од 2011 година, од кога Министерството има надлежност за јавната администрација, до денес, како никогаш досега, преземени се сериозни активности во делот на реформата на јавната администрација, се вели во реакцијата.

-Изготвени беа современи законски решенија во однос на управувањето со човечките ресурси и воведувањето на целосен мерит систем, како и унапредувањето на управните постапки, се со цел воспоставување на ефикасен систем на јавна служба и унапредување на јавните услуги. Овие законски решенија беа изработени со поддршка на Европската комисија и Сигма и истите беа позитивно оценети во последниот извештај за напредокот на Република Македонија…., се вели во реакцијата од МИОА.

Оттука, како што се додава во реакцијата, несериозни се сите обиди за девалвација на активностите на реформата на јавната администрација и дефокусирањето на јавноста, а особено на вработените во администрацијата од суштината на реформскиот процес.

– Министерството и во иднина како и досега, ќе продолжи да се грижи за угледот и достоинството на вработените и нема да дозволи никаква злоупотреба на нивниот интегритет за дневно-политички цели, се вели во реакцијата.

Од Министерството упатуваат апел до дополнителниот заменик Кирацовски, кој е дел од Министерството, и кој сноси подеднаква одговорност за успешната имплементација на реформските активности, како што велат „да престане да ги заплашува, а потоа и да ги спасува вработените, туку напротив, да даде конструктивен придонес во работата на Министерството“.

 
 
17.12.2015 - 17:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа