Жестока дебата во Центар: СДСМ не одобрува парцела за образование

Во бурна дебата за време на седницата за изгласување на Деталните урбанистички планови советниците на СДСМ не се согласија парцела која е на територијата на општината Центар да биде пренаменета за образовни, наместо за државни институции, пишува Телеграф.

По едночасовната расправа во однос на утврдување на нацрт-детален урбанистички план Градска четврт Ј 21 локалитет Клинички центар и Геолошки завод, во однос на намената за образование, советникот Сашо Трпевски даде конкретен предлог, да се задолжи планерот да направи пренамена на градежната парцела 4.7 од В4 намена (државни институции) во намена образование односно пренамена во В1.

Советничката Елена Петковска се надоврза и побара да се разгледа и усвои овој предлог бидејќи станува збор за седиштето на СДСМ во општина Центар каде што по претходен ДУП оваа градежна парцела била 4.000 метри квадратни, а сега по овој нов ДУП има дополнување на 6.000 метри квадратни, бруто развиена површина.

Петковска истакна дека ГП 4.7 добива вкупно 10.000 метри квадратни што е идеално за пренамена на В1 односно за образование кое би било од заеднички интерес за сите.

Сепак, советниците од СДСМ остро реагираа на овој предлог и не сакаа воопшто да дискутираат за истиот.

-На крај памет е да разговараме за пренамена на ГП 4.7 од В4 во В1 каде што е седиштето на нашата партија, реагира советничката од СДСМ Цветанка Симоновска.

Весникот „Дневник“ неодамна објави сознанија за начинот на кој СДСМ го добиле земјиштето. Дневник во објавата напиша: „Со смената на името СДСМ од државата добил подарок од 3.580 квадрати“.

Како што објасни весникот, со едноставна пријава дека Сојузот на комунисти на Македонија (СKМ) го менува своето име во Социјалдемократски сојуз на Македонија, во првата половина на 90-тите години, сегашниот СДСМ го стекнал имот во центарот на Скопје, на улица Бихаќска, со површина од 3.580 квадратни метри.

Се работи за зградата и дворното место каде што сега се наоѓа партиското седиште на СДСМ, а кое пред 1993 година, кога го добива партијата, било сопственост на државата, односно се работи за земјиште што претходно го користеле Министерството за наука, а претходно и Рударскиот институт и Министерството за култура.

„Дневник“ дошол до документите што потврдуваат како СДСМ со неколку управни постапки, од промена на име до замена на земјишта и уписи, водени во Град Скопје, Kатастарот и Министерството за финансии, повикувајќи се на промена на името на СKМ во СДСМ, без да плати ни денар, стекнал сопственост на 3.580 квадратни метри во центарот на Скопје, пазарно вредни околу милион евра.

 
 
17.12.2015 - 17:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега