Бесплатни прегледи за жените во текот на целата бременост од декември

Новите мерки на Министерството за здравство за намалување на смртноста кај доенчиња и мајки, кои предвидуваат бесплатни гинеколошки и микробиолошки прегледи на бремените жени, биохемиски анализи, вклучувајќи го и подродувањето, како и советување на бремените жени при посетата од страна на патронажните служби, ќе започнат од декември годинава за сите здравствено осигурени жени, односно од јануари 2016 година за жените без здравствено осигурување.

Државниот советник во Министерството за здравство Јованка Костовска на денешната прес-конференција најави дека од 1 декември ќе бидат ослободени од партиципација за сите прегледи согласно антенаталното упатство бремените жени кои се здравствено осигурани, што значи дека за сите услуги што треба да ги направат на секундарно ниво како лабораториски и микробиолошки прегледи и скрининзи за кои е потребна партиципација нема да плаќа ниту една бремена осигурена жена.

Сите здравствени установи, продолжи Костовска, во државата ќе бидат информирани да знаат да не наплаќаат партиципација, а за средствата за партиципација ќе се обраќаат до Министерството за здравство, кое ќе ги обезбеди од сопствен буџет.

- Од јануари 2016 година здравствено неосигурените бремени жени, кои се без здравствено осигурување, ќе бидат целосно ослободени од сите прегледи и партиципации кај гинеколог и породување, нагласи Костовска.

Проектот домашна визита предвидува патронажните служби од здравствените домови да стават посебен акцент на посета на бремените жени од социјално ранливите групи, како што се бремени жени со понизок степен на образование, односно без образование или со основно образование, како и жени кои примаат социјална помош.

- Бројот на жени од социјално ранливи групи во репродуктивен период од 16 до 49 години во државата е околу 70.000. Тие ќе бидат советувани да се јават на матичен гениколог и да ги прават потребните прегледи бесплатно, со приоритет на бремените жени. Оваа активност започнува од средината на декември, рече Костовска.

Активноста амбуланта на тркала, продолжи таа, започнува од почетокот на декември и ќе биде насочена во рурални средини каде нема матични гениколози. - Најпрво ќе се посети беровскиот регион и селата во тој регион со приоритет кај жени без образование и само со основно образование и социјално ранливи групи, кои ќе бидат повикувани на гинеколошки прегледи, рече Костовска, додавајќи дека мобилната амбуланта ќе продолжи со работа во текот на целата година во другите региони на државата.

Според Костовска податоците за активноста за фолна киселина и јодни суплементи за секоја бремена жена покажуваат дека досега околу 1.200 бремени жени добиле бесплатно јод и фолна киселина таблетки и ги применуваат.

Во рамки на активноста „Наш специјалист“, додаде Државниот советник во Министерството, низ државата има слободни 12 гинеколошки амбуланти по Здравствените домови, во кои ќе одат гинеколози од регионалните болници на нивните подрачја и ќе прегледуваат жени еднаш неделно.

 
 
25.11.2015 - 15:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа