Нови поволности: Бесплатно ин витро оплодување за трето и четврто дете

Пациентките кои сакаат да остварат право на ин витро за добивање прво, второ, трето и четврто дете најмногу до трет неуспешен обид за оплодување се ослободени од плаќање на партиципацијата од 6.000 денари.  Партиципацијата ќе биде надоместена од Фондот за здравствено осигурување на Македонија. 

Новина е дека правото на ин витро (биомедицинско потпомогнато оплодување-БПО) може да се користи за трето и четврто дете.

Во Република Македонија процентот на докажана бременост по ин витро постапка во 2011 година изнесува 38,7 отсто, во 2012 година 41,3, во 2013 година 50,5, во 2014 година 54,5, а во 2015 година до 31 јули изнесува 53,5 отсто.

- Од овој тренд произлегува дека нашите здравствени установи со кои имаме склучено договор за ин витро се високо специјализирани и со висок процент на успех. За висoкиот процент на ин витро постапката влијае и тоа што осигурениците побрзо се одлучуваат за оваа интервенција затоа што надоместокот кој го покрива Фондот за ин витрото е стимулативен, за разлика од други здравствени системи каде оваа интервенција не е на товар на државата, информира ФЗОМ.

Од ФЗОМ ги поттикнуваат двојките кои се заинтересирани да аплицираат за ин витро за второ дете што побрзо да го направат тоа, земјаќи предвид дека возраста игра улога.

Постапката за ин витро како право првпат е овозможена на товар на Фондот во 2008 година, по пат на рефундација на средства, а од 2010 година осигурениците по одобрување од Фондот добиваат ваучери. Средствата кои Фондот ги исплатил за остварување на правото на ин витро од 2010 до 2015 се 387 милиони 465 илјади денари. 

Осигурените лица имаат право на сопствен избор во која здравствена установа сакаат да прават ин витро, од листата на установи со кои ФЗОМ има склучено договор. Годинава тоа се здравствените установи „Плодност“ од Битола, „Д-р Органџиски“ од Штип, „Ре-медика“ од Скопје, „Ултрамедика“ од Скопје, „Моја болница“ од Скопје, „Аџибадем Систина“ од Скопје, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, „Гинеко медика“ од Скопје и „Инанна систем“ (Њуборн клиник) од Скопје.

Сите потребни обрасци, упатството за начинот на остварување на правото на БПО на товар на ФЗОМ и сите други информации се објавени на веб страницата на ФЗОМ www.fzo.org.mk.

 
 
25.11.2015 - 14:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа