Нова инвестиција од 6,5 милиони евра: Се отвараат 200 работни места

Македонска компанија инвестираше 6,5 милиони евра во нова фабрика за производство на кроасани која ќе отвори 90 нови работни места во производствениот погон и 110 работни места во дистрибутивната мрежа.

Македонската бизнис клима е подеднакво привлечна и за странските но и за домашните компании, а доказ за тоа е ново отворената македонска фабрика во општина а Илинден.

По една година изградба денеска официјално беше отворена новата фабрика а почеток го означија сопствениците на компанијата, Стојмен Јордановски и Горан Јордановски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски.

-Нашата задача на локалната и на централната власт е да даваме поддршка на вакви успешни бизнисмени, на луѓе кои што знаат што сакаат и кои што умеат да го спроведат тоа. Затоа ние постојано работиме на создавање на добра бизнис клима. И она што го кажуваме дека сме 12 место во светот според бизнис климата не е само сувопарна бројка и не е само гол податок. Таа бројка значи пониски даноци, добри услови во царината, во катастарот, во УЈП, услуги кои им се потребни на бизнисмените за да ги извезуваат своите производи. Тоа значи можност да се купи земјиште по пониска цена и со пониски комунални такси, заштита на акционерството. Тоа значи поддршка преку изградба на патишта, преку модернизација на инфраструктурата, појасни Ставрески. 

Новата инвестиција ќе отвори вкупно 200 нови работни места и според вицепремиерот ваквите семејни бизниси се креатори на најголем број нови работни места.

 -Показател за одржлив локален економски развој во Општина Илинден е изградбата и пуштањето во употреба на нови производствени погони кои во континуитет креираат нови реални слободни работни места, рече градоначалникот Стојановски.

-Изградбата на производствениот капацитет како и комплетното опремување на фабриката е целосно наша инвестиција. Уште еден факт кој што не прави особено горди е дека според инсталираните капацитети ние сме најголемата фабрика за производство на кроасани во овој дел на Европа, подвлече главниот извршен директор, Горан Јордановски.

 

Фабриката се простира на површина од 6.000 метри квадратни, вградена е современа технологија, а производството ќе биде наменето за македонскиот пазар, соседните земји и ЕУ.

Компанијата „ГРАНД-ЕКСПОРТ“ како продажно дистрибутивна компанија на македонскиот пазар е присутна од почетокот на 1992 година. 

 Сопственикот и основачот на „ГРАНД-ЕКСПОРТ, Стојмен Јордановски истакна дека почетоците на оваа успешна семејна приказна почнуваат пред 25 години и изрази задоволство што нивната визија станала реалност.

 
 
25.11.2015 - 13:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа