Груевски во Кина на средби со политички и бизнис претставници

Премиерот Никола Груевски денеска на маргините на Самитот на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина, што се одржува во кинескиот град Суџоу, имаше повеќе билатерални средби и разговори со политичките претставници на другите присутни држави, како и средби со претставници на компании кои имаат потенцијал за инвестиции во Македонија.

Премиерот Груевски, како што соопшти владината прес-служба, имаше средба со претседателот на Владата на Република Естонија, Тави Роивас, пренесе МИА.

Двајцата премиери ги поздравија меѓусебните пријателски односи кои се карактеризираат со стабилност, меѓусебно почитување и взаемна поддршка. Груевски и Роивас констатираа дека е потребно значително искористување на потенцијалот за економска соработка, динамизирање на трговската размена и соработка на полето на инвестициите.

Премиерот Груевски по средбата изјави дека Естонија е земја пријател која ги поддржува стратешките интереси поврзани со европските и евроатлантските интеграции на Македонија, и земја која е подготвена да дава поддршка во сферите каде што тоа може да го прави.

- Отворивме повеќе теми, а една од нив беше темата за стратешките интереси на Република Македонија поврзани со нашите напори за членство во НАТО и ЕУ. Естонија е членка во овие два сојуза, и како таква е секогаш значајно да ги слушне нашите ставови за повеќето работи, за реформите кои ги правиме и предизвиците со кои се соочуваме, со цел да биде повеќе информирана и да помогне во процесот на лобирање, изјави премиерот Груевски.

На средбата беше разговарано и за проблемот со мигрантската криза, тековните предизвици со кои што се соочуваат нашата земја и државите од Европа во врска со ова прашање, и можните решенија за надминување на предизвиците.

Самитот на државите од Централна и Источна Европа и НР Кина, како што се наведува во соопштението, преставува значајна можност за остварување на контакти и средби со шефовите на влади и делегациите на 16-те европски држави присутни на овој собир.

Освен настапот на Самитот, премиерот Груевски оствари и средби, разговори и неформални контакти со повеќето шефови на влади присутни на Самитот, меѓу кои со премиерот на Република Словенија, Миро Церар, премиерот на Чешката Република, Бохуслав Соботка, претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, премиерот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, премиерот на Република Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, премиерот на Република Албанија, Еди Рама, и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

- Имав можност да разговараме со повеќето премиери присутни на Самитот на различни теми, од една страна поврзани со европските интеграции, од друга страна прашања поврзани со мигрантската криза во Европа, но и за нашите билатерални релации и перспективи со овие држави, изјави Груевски.

Македонскиот премиер за време на својот престој во Кина, на маргините на Самитот оствари и повеќе одделни средби со компании на кои им беа претставени можностите за инвестирање и конкретни проекти кои би можеле да бидат интересни и привлечни за кинеските инвеститори.

- Понудивме повеќе проекти, разменивме предлози и идеи и ќе ги продолжиме контактите со различните компании од НР Кина со цел да се реализираат проекти во Македонија кои ќе го подобрат квалитетот на живот, и ќе отворат нови работни места, изјави Груевски.

Премиерот Груевски истакна дека расте извозот на Република Македонија во НР Кина, но и се зголемува бројот на проекти кои што заеднички се реализираат.

- Во Македонија највидливи се двата проекти за двата автопата кои што се градат, едниот во источна и другиот во западна Македонија, но на Самитот македонската делегација настапува и со друг вид на проекти од различни области, вклучително од енергетиката, поврзано со производството на струја, секундарна гасификација, земјоделието, туризмот, така што дојдовме со однапред подготвени проекти од различни институции кои ги презентираме, и на приватните компании со кои се среќаваме, но и пред кинеските власти, истакна премиерот Груевски.

 
 
25.11.2015 - 13:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега