Груевски: Решено едно од децениските барања на охриѓани

Изградбата на затворениот базен во Охрид е едно од децениските барања на жителите на Охрид кое низ годините беше тема на разни политички манипулации и шпекулации. Многумина ветуваа, многумина ќе го градеа овој базен, но реалноста е таа. Нашиот најголем град кој излегува на Охридското Езеро, градот со огромен број пливачи и љубители на водните спортови никогаш во минатото не добил затворен пливачки базен. Таквата реалност конечно се менува. Ние ветивме и за разлика од другите не заборавивме на ветеното. Зборот си е збор и ние држиме до зборот. По тоа сме и препознатливи кај народот, истакна премиерот Никола Груевски денеска во Охрид, означувајќи го почетоткот на изградабата на затворен базен во спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“, пренесе МИА.

Инвестицијата е вредна 298 милиони денари, или околу пет милиони евра, а треба да заврши за 30 месеци. Објектот ќе има два базени, фитнес клуб, продавница за спортска опрема, комерцијален и административен простор, кафетерија, спа и велнес центар и голем подземен магацински простор. Ќе се гради по стандарди и технологија за градење базенски корита која досега не е применета на ниту еден ваков објект во Македонија, а ќе биде и енергетски ефикасен со инсталирана соларна опрема и геотермални пумпи кои ќе го направат неговото користење во зима поевтино.

- Со овие средства во наредните 30 месеци ќе се гради затворен пливачки комплекс кој ќе опфаќа два базена, од кои еден помал за деца и за обука на непливачи и еден поголем базен со ватарполо димензии. Покрај базените, комплексот ќе располага со трибина со капацитет од 500 седишта, помошни простории за фитнес клуб, спа и велнес центар, простор за пинг-понг, продавница за спортска опрема, ресторан, игротека и комерцијален административен простор, истакна Груевски.

Објектот, нагласи тој, ќе овозможи сите млади спортски и рекреативци кои сакаат да се занимаваат со пливање, ватарполо или други водни спортови да имаат место каде во текот на зимата и во текот на целата година ќе можат да спортуваат и да се рекреираат. Покрај спортскиот аспект, според премиерот, новиот базен со својот изглед ќе има и значајно уметничко и визуелно значење за градот Охрид. Тоа, нагласи, ќе биде уште еден објект препознатлив за Охрид со кој охриѓани ќе се гордеат.

На поставувањето на камен-темелникот на базенот во „Билјанини извори“ присуствуваа и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасевски.

 
 
12.11.2015 - 11:33
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега