ВМРО-ДПМНЕ: Изградбата на експресниот пат Штип-Кочани е исполнување на барањата на граѓаните

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја информира македонската јавност дека на вчерашното четврто продолжение на 71-та пленарна седница во Собранието на Република Македонија ја дадовме нашата поддршка за Предлог-законот кој што предвидува изградба на нов експресен пат од Штип до Кочани, соопштуваат од пратеничката група.

Интегрален текст од соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

 

Овој нов експресен пат ќе се протега во должина од 28 километри. Наместо реконструкција и рехабилитација на постојниот магистрален пат А3, делница Штип – Кочани, се одлучи истиот да биде полуавтопатско решение односно експресен пат Штип – Кочани.

Изградбата на оваа делница на ниво на експресен пат значително ќе придонесе за олеснување на протокот на сообраќај низ населените места кои што досега го користеа магистралниот пат Штип - Кочани, но и ќе значи исполнување на барањата и потребите на граѓаните од овој регион, при што ќе се зголеми безбедноста и сигурноста на учесниците во сообраќајот во иднина.

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сакаме да напоменеме дека со изградбата на овој експресен пат значително ќе се подобри патната инфраструктура во Источна Македонија, нешто за што се обврзавме дека ќе го исполниме за граѓаните од овој регион.

Со изградбата, реконструкцијата и проширувањето на експресниот пат Штип - Кочани покрај подобрувањето на патната инфраструктура, тој исто така значително ќе допринесе и за забрзан економски развој на овој регион односно ќе се олесни транспортирањето на разни стоки и услуги кои што секојдневно транзитираат и го користат овој патен правец.

Како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ секогаш сме ги поддржувале проектите кои се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура односно реконструкција и изградба на нови патишта. Досега за таа цел се изградени 1280 километри локални и регионални патишта низ целата територија на Република Македонија, се врши изградба и реконструкција на магистрални и експресни патишта, во тек е изградба на три нови автопати, континуирано се врши модернизирање на светлечката и сообраќајната сигнализација низ целата држава, реконструкција на мостови, реконструкција на постоечки и пробивање на нови тунели и уште многу други проекти кои значат подобар, поквалитетен и побезбеден патен сообраќај.

Сакаме да напоменеме дека на вчерашната седница на Собранието на Република Македонија исто така ја дадовме поддршката и гласавме за изградба на уште еден експресен пат, а тоа е експресниот пат Штип – Радовиш.

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ свесни сме за тоа колку патната инфраструктура е важна за граѓаните и токму затоа секој проект кој што во иднина ќе биде насочен кон изградба или реконструкција на патната мрежа, секогаш ќе ја добива нашата безрезервна поддршка бидејќи преку секојдневните средби кои ги имаме со нив знаеме дека токму подобрите и побезбедните патишта се главен приоритет за граѓаните на Република Македонија

 
 
07.11.2015 - 10:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега