„Не се плашиме од никого“ - Венецуела чека одговор од Сноуден

 

Поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден досега не контактирал со властите во Каракас во врска со понудата што му ја упати претседателот на Венецуела, Николас Мадуро за доделување политички азил, соопшти венецуелскиот министер за надворешни работи Елиас Хава.

- Немаше никаква конуникација. Ќе чекаме до понедлник да дознаеме дали ќе го потврди барањето за добивање азил во Венецуела, нагласи Хава во изјава за венецуелската државна телевизија.

Во исто време, како што јави ИТАР-ТАСС, боливискиот претседател Ево Моралес соопшти дека Боливија е подготвена да му даде азил на Сноуден, доколку тој официјално поднесе такво барање.

- Ние сме подготвени да му дадеме азил на тој државјанин на САД,... доколку ни се обрати со такво барање. Ние не се плашиме од никого, рече Моралес.

Претходно и Никарагва изрази подготвеност да му даде политички азил на Сноуден, кој веќе две недели се наоѓа во транзитната зона на московскиот аеродром „Шереметјево“.