Добитниците на наградата за спорт „8-ми Септември“ ќе бидат објавени во вторник

Добитниците на државната награда за спорт „8-ми Септември“ ќе бидат објавени на свечената манифестација во вторник, на државниот празник со почеток во 12 часот во Собранието на Република Македонија.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески. Додаде дека четврти пат ќе се додели државната награда „8-ми Септември“, благодарение на иницијативата на Агенцијата за млади и спорт.

- Успеавме да издејствуваме спортистите и спортските работници да добијат високо државно признание. Со тоа се валоризира вредноста на спортот како дел од секојдневното живеење, но и се оддава признание на спортистите, тренерите и спортските работници кои придонеле за унапредување и развој на спортот, како и за афирмација и промоција на Република Македонија во европски и светски рамки, рече Спасески. 

Тој потсети дека изминатите неколку години Владата целосно го помага спортот и оти ги вреднува успесите на спортистите. 

- Утврдени се категориите спортист од светска категорија, спортист од меѓународна категорија, а секоја година доделуваме и по 500 стипендии - спортист спортска надеж. Со обезбедувањето на највисокото национално признание или популарно наречената „Спортска пензија“ и со државната награда „8-ми Септември“ се заокружува системот за валоризација на спортските успеси во Република Македонија, потенцира Спасески. 

Претседателот на Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ професорот д-р Зоран Радиќ информира дека ќе се доделат државна награда за животно дело и четири државни признанија. 

- За наградата за животно дело беа пријавени Венцислав Недев, Владимир Радиќ, Лазар Лечиќ и Петар Алексовски. За државните награди кои се доделуваат на четири кандидати беа пријавени 11 апликанти - Љупчо Стојчевски, Руждија Калач, Кирил Манев, Здравко Дејановиќ, Димче Кичевски, Ристо Магдинчев и Сашо Поповски, рече Радиќ.

Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која ќе му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на десет просечни плати во Република Македонија. 

В понеделник на плоштадот „Филип Втори“ во Скопје, традиционално ќе се одржува Саемот на спортови. Спортските федерации ќе ги презентираат своите спортски реквизити, спортските вештини и најдобрите спортисти.

 

 

Оцени ја веста

04.09.2015 - 13:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа