Железничките станици во Македонија со европски стандарди

Последниве години железницата во Република Македонија се наоѓа во голем инвестициски циклус. Тој се состои во реконструкција и модернизација на Коридорот 10 од Табановци до Гевгелија и изградба на недоизградениот Коридорот 8 кон Бугарија и Албанија.

Од ЈП Македонски Железници –Инфраструктура Скопје соопштуваат дека во завршна фаза е ремонтот на 55 километри пруга со што по Коридорот 10 ќе може да се вози со проектираната брзина од 100-120 км/час, проект финансиран со кредит од ЕБРД во висина од 17,6 милиони евра.

-Како продолжение на обновата на Коридорот 10, започна и Рехабилитација, надградба и реконструкција на железничките станици по должината на овој Пан Европскиот коридор 10, вклучувајќи го и кракот 10 Д од Велес до Битола, кој се имплементира во рамките на ИПА Оперативната Програма за Регионален Развој со финансиска вредност од 3 милиони евра. Со овој проект опфатени се 10 станични згради по должината на коридор 10 и 10 Д и тоа: Велес, Градско, Неготино, Демир Капија, Гевгелија, Табановци, Чашка, Богомила, Прилеп и Битола, се вели во соопштението.

Се работи за стари објекти претежно градени во 30-те години од минатиот век, со делумни мали интервенции во различни периоди на време. Нивната моменталната состојба е под просечна т.е. многу лоша, а со овој проект потребно е да се доведат до ниво со кое ќе се задоволат ЕУ стандардите за железнички станици во однос на пристап и информирање на патниците.

За таа цел изработен е Основен проект за секоја станица, а по пат на тендерска постапка избран е градежен изведувач на работите.

Тоа значи дека сите овие станици ќе бидат градежно реконструирани при што ке биде заменета кровната конструкција, електричната инсталација, водоводната инсталација, санитарните чворови ке бидат обновени или новоизградени, ќе биде вграден нов информациски систем, ќе се обноват пероните и ќе се направат да бидат пристапни за лица со посебни потреби и инвалидитет, при што да се сочува автентичноста на градбите и архитектонскиот стил од почетокот на минатиот век.

Овие денови започна реконструкцијата на првите три железнички станици во Прилеп, Велес и Демир Капија. Реконструкцијата на сите 10 железнички станици според зацртаната динамика треба да заврши кон средината на следната година.

Се очекува дека со завршувањето на ремонтот на пругите, реконструкцијата на железничките станици како и купувањето на нови патнички гарнитури кои се во тек, ќе се придонесе за враќање на довербата кон железничкиот сообракај и се повеќе патници ќе го користат возот како превозно средство за своите потреби.

 

 

Оцени ја веста

13.08.2015 - 15:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа