Морси повика на одбрана на неговиот легитимитет како претседател

Смениот египетски претседател Мохамед Морси во соопштението до своите следбеници и до светската јавност, вели дека во Египет е извршен воен удар, а не смена на власта.

Тој ги повика своите приврзаници од Муслиманското братство и оние кои гласале за него и ја поддржуваат неговата политика да го бранат неговиот легитимитет како избран претседател.

Морси инсистира дека само тој може да биде претседател на државата и ги повика земјите во светот да не ја прифаќаат и поддржуваат новата власт, што ја постави армијата по вчерашниот удар.

Британските медиуми кои ја пренесуваат изјавата на Морси не откриваат како таа е испратена, кога Муслиманското братство тврди дека не знае каде се чува соборениот претседател и каква е судбината на неговото потесно семејство.

Претставник на египетската армија потврди дека Морси е задржан во објект на војската, но не даде други детали.

Активисти на Братсвото за западните медиуми изјавија дека започнала пресметка на војската со нивните функционери и активисти. Војската веќе ја забрани работата на три каирски телевизиски станици кои се блиски до исламистичкото движење и издаде налог за апсење на преку 300 влијателни функционери и активисти на Муслиманско братство.