За четири месеци железничката во Скопје со нов лик

Реконструкцијата на Железничката станица во Скопје е во завршна фаза. Се очекува за три до четири месеци комплетно да биде реконструирана и да добие нов модерен изглед. Железничката станица е пуштена во употреба пред 35 години и во тоа време важела за една од најмодерните станици во регионот. Со оваа реконструкција ќе се овозможи градот Скопје повторно да се пофали со модерна железничка станица. Увид во градежните работи денеска извршија министерот за траспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани.

Министерот Мисајловски истакна дека најголем дел, односно 85 отсто, од потребните 2,5 милиони евра се обезбедени од европските ИПА фондови, додека преостанатите 15 отсто ќе ги покрие државниот буџет.

-Ефективно се работи на објектот, постојано има нови работници и очекувам дека за 3 до 4 месеци комплетно ќе биде рехабилитирана железничката станица. Освен оваа железничка станица работиме и на реконструкција на сите железнички станици на Коридорот 10, посочи министерот.

Мисајловски изјави дека на дел од железничките станици низ Македонија денеска им завршува правосилноста на одобрението за градење и веднаш ќе започне реконструкцијата, а за дел ќе завршат на 27 јули. Додаде дека и за овој проект се набавени средства преку ИПА дондовите и очекува дека до наредната година ќе имаме еден нов лик на железничките постројки на Коридорот 10.

Целосно ќе бидат реконструирани железничките станици Прилеп, Велес, Битола, Богомила, Гевгелија, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар. 

Министерот потенцираше дека преку проекти на Владата досега е направено многу за реконструкција на целата железничка инфраструктура и подобрување на условите во железничкиот сообраќај, обезбедени се нови патнички возови, нови товарни вагони, рехабилитација на пругата Куманово-Бељаковце и нови пруги на коридорот 10.

Директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани инфомираше дека  голем дел од работите се во завршна фаза. Пероните се веќе подигнати и со стандардите за набавените нови патнички возови кои треба да пристигнат, лифтовите кои се важни за лицата со посебни потреби, како и чекалните ќе добијат нови системи за климатизација.

 - Два перона се целосно направени, се работи на третиот перон, лифтовите  се 90  проценти завршени, Дел од санитарните јазли, на северната страна,  се 100 проценти завршени, а во другите делови 90 проценти. Се работи и на електричните и климатизациските инсталации кои се завршени околу 80 проценти. Има ново варосување, а потоа и целосно чистење, истакна Асани.

 

 

Оцени ја веста

20.07.2015 - 15:06
Фото: 
курир

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега