Повторно ќе имаат покрив над глава - помош за семејствата од кавадаречко

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска ги посети семејствата чии куќи настрадаа од пожар по громот што удри за време на невремето кое вчера гo зафати кавадаречко.

- Се работи за три погодени објекти кои се опожарени од гром. Овде живеат шест семејства. Интензивно се работи на отстранување на оштетениот материјал и шутот и набргу се очекува да се спроведат градежни активности со цел да се направат нови покриви на објектите. Тоа ќе се направи благодарение на добрата соработка на локалната самоуправа со бизнис заедницата и регионалната Стопанска комора кои ќе помогнат со по половина од потребните средства за кровната конструкција, рече министерот.

Тој додаде дека дополнително Министерството за труд и социјална политика заедно со Центарот за социјални работи од Кавадарци ќе обезбеди еднократна парична помош во висина од околу шест илјади евра односно по 30 илјади денари од домаќинство, како од Министерството така и од Центарот. Тоа, рече, ќе бидат пари за досредување на објектите и првичните потреби. Црвениот крст, додаде Спасов, исто така ќе излезе во пресрет со соодветна прва помош.

- Верувам дека за десетина дена луѓето повторно ќе се вратат во своите домови, нагласи министерот.

Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов потсети дека елементарната непогода се случи во урбаната заедница Кула. Уште во текот на вчерашниот ден, информира тој, се почна со подготвителните работи за санација од страна на бизнис заедницата која како што рече, прва притрчала на помош на чело со Митко Јанчев, претседател на регионалната Стопанска комора.

- Покрената е иницијатива и во текот на наредната седмица со одлука на Советот на општина Кавадарци ќе се определи парична помош. За кровната конструкција се потребни некаде над 10 илјади евра, пари кои ќе се обезбедат по половина од општината и бизнис заедницата. Изведувачот ќе биде домашен, нагласи градоначалникот и упати апел да помогнат сите кои можат да го сторат тоа.

 

 

Оцени ја веста

02.07.2015 - 14:06
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега