Историски момент за македонскиот спорт: „Филип Втори“ ќе блесне во полн сјај

Историски момент за Македонија и македонскиот фудбал, Скопје во 2017-та ќе биде домаќин на УЕФА Супер купот.

УЕФА позитивно одговори на кандидатурата на Скопје за организација на овој престижен фудбалски спектакл. Пехарот пристигна во нашиот главен град, беше претставен на арената „Филип Втори“, нашиот најголем фудбалски храм кој се очекува да блесне во потполен сјај до 2017-та година.

Европската куќа на фудбалот ни ја додели организацијата, но сепак имаше забелешки за состојбата на нашиот фудбалски стадион. Некои инфраструктурни активности, кои беа посочени како забелешка од УЕФА се веќе во тек и ќе беа завршени без кандидатура за Суперкупот, но сега сите активности ќе мора да се забрзаат.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски вети дека до 2017-та година арената „Филип Втори“ ќе блесне во потполен сјај.

-Денеска сите ние како Македонци сме особено горди на ова прекрасно здание, посебно откако ги слушнавме информациите дека Република Македонија и оваа прекрасна арена ќе бидат домаќини на еден од најголемите европски фудбалски спектакли во 2017-та година. Не случајно УЕФА го избра овој спортски храм за една ваква фудбалска завршница. Арената „Филип Втори“со својот дизајн изгледа како пример на Балканот, како треба да изгледа една современа и национална арена. Се сеќавате дека во 2012-та година оваа арена доби највисоко признание од најпрестижниот спортски магазин во Европа „Гуерин Спортиво“ и тоа е само дел од потврдите на нашите заложби ова национално здание да ги задоволи сите потребни критериуми за одржување на вакви спортски манифестации. Ние како Влада и ресорно министерство заедно со Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор во изминатиот период вложивме напори и средства да ја доведеме во оваа фаза во која се наоѓа националната арена. Сакам пред сите отворено да ветам дека ќе продолжиме и понатаму да градиме се додека овој храм комплетно не го добие оној изглед кој го зацртавме претходно, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски изјави дека ова е историски момент за Македонија како држава, но и за македонскиот спорт воопшто.

-За македонскиот фудбал е оргомна чест што ќе ја има централната улога во креирање на надворешниот позитивен имиџ на нашата земја, но секако ова е голема одговорност и голема обврска. За кандидатурата имавме апсолутен консензус и максимална поддршка од Влатада на РМ, државните инситуции и секако Градот Скопје. Заеднички донесовме настан кој е најголем во самостојна Македонија, настан кој ќе ни донесе промоција, но и други краткорочни и долгорочни користи за нашата земја, за економијата и за нашиот фудбал, изјави претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, пишува Курир.

Директорот на Јавното претпријатије за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов потенцираше дека досега се превземени одредени активности за подобрување на квалитетот, функционалноста и капацитетот, за да може едно вакво престижно натпреварување да се одржи во Скопје. Тој воедно вети дека позитивно ќе се одговори на сите забелешки од страна на УЕФА за состојбата на арената „Филип Втори“.

 

 

 

Оцени ја веста

02.07.2015 - 11:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега