Продолжуваат разговорите меѓу Атина и тројката

 

Грција и нејзините меѓународни кредитори ги продолжуваат разговорите за деблокирање на траншата од 8,1 милијарди евра по 14-дневна пауза, во која грчката Влада речиси се распадна поради затворањето на јавната радиотелевизија ЕРТ.

Грчки функционери, меѓу кои и премиерот Андонис Самарас, очекуваат разговорите да завршат успешно и покрај заостанувањето во програмата за приватизација и реформите во јавниот сектор.

Меѓутоа, ако преговорите пропаднат, ММФ може да се повлече од т.н. тројка кредитори, во која се и Европската комисија и Европската централна банка, за да не ги наруши правилата за финансирање.

Оваа транша е една од последните големи финансиски инекции во рамките на помошта од 240 милијарди евра, која истекува на крајот од 2014 година.

Самарас сака брзо да ги заврши разговорите, за да можат парите да бидат доделени до крајот на месецов. Тој назначи двајца реформатори, Киријакос Мицотакис и Адонис Јоргиадис, по реконструкцијата на Кабинетот од минатата недела, за да ги протуркаат клучните промени во Министерството за административната реформа и во здравството.

Грчката Влада планира да побара од доверителите да ја намалат целта за приватизација од 2,6 милијарди евра, откако рускиот енергетски гигант „Газпром“ се повлече од купување на грчката гасна компанија ДЕПА.

Атина, исто така го пропушти рокот одреден за вклучување на 12.500 државни службеници во т.н. шема за мобилност, според која тие треба да бидат префрлени или отпуштени за една година.

Атина и „тројката" не можат да се договорат и за непопуларниот данок на имот и евентуалното намалување на данокот за потрошувачката на рестораните. Самарас исклучи воведување нови мерки за штедење, откако загуби еден од коалициските партнери во кризата околу ЕРТ.

Според аналитичари и пратеници, ќе биде невозможно во Парламентот да бидат донесени уште ограничувања.

FOTO> Delo.si

најчитано сега