Иванов на форум за безбедност во Братислава

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, утре ќе престојува во Братислава, Словачка, каде што ќе учествува на 10-от Глобален форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015“.

Иванов ќе се обрати на сесијата „Балканска шаховска табла: Дали влогот е целосна и слободна Европа?“.

Во македонската делегацијата се министерот за одбрана, Зоран Јолевски и министерот без ресор  Фуркан Чако, кој за време на престојот во Братислава ќе ги презентира поволностите и можностите за инвестирање во Република Македонија пред словачките бизнисмени.

Теми на годинешниот форум се улогата на централна Европа во Украина, иднината на Европа, надворешната политика на САД, колективноста на НАТО Алијансата, како и економските карактеристики на Вишеградската група.

На Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015“ најавено е учество на шефови на држави и влади, министри за надворешни работи, за одбрана,... Меѓу учесниците се претседателот на Словачката Република, претседателите на Хрватска, Естонија, Грузија и Полска, премиерите на Велика Британија, Словачка, Црна Гора, Чешка и на Унгарија. На форумот најавено е учество и на генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, генералниот секретар на ОЕЦД, Анхел Гуриа и на американскиот сенатор Џон Меккејн.

За време на учеството на ГЛОБСЕК форумот во Братислава, предвидено е претседателот Иванов да оствари повеќе формални и неформални средби.

„ГЛОБСЕК“ претставува реномирана конференција со фокус на надворешната и безбедносната политика во централна Европа. Целта на форумот е да го стави регионот на мапата на трансатлантското стратегиско размислување и во агендата на светската надворешна, безбедносна и економска политика.

 

 

Оцени ја веста

18.06.2015 - 18:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега