Грижата продолжува: Нов Дневен центар за лица со интелектуална попреченост
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска го пуштија во употреба Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години. Лоциран е во населбата Капиштец, меѓу Агенцијата за вработување и Центарот за ортотика и протетика „Славеј“.
Центарот е резултат на партнерството меѓу Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост-„Порака“, Министерството за труд и социјална политика и Град Скопје.
Министерот Спасов информира дека помогнале со обезбедување на објектот и реновирање се до ставање во функција.
- Овој Центар ќе биде поддршка за родителите на лицата со интелектуална попреченост и одлична форма на вонинституционална заштита и згрижување на овие лица. Нивниот ден ќе биде исполнет со значајни содржини и програма која ќе им помага секој ден да ги унапредуваат своите вештини и да се снаоѓаат во секојдневниот живот, рече Спасов.
Тој појасни дека ја поддржуваат „Порака“ и додаде оти годинава одвоени се околу 9,4 милиони денари за сите дневни центри кои се под нив, како и за остварување на нивната годишна програма и сите активности во Македонија.
- Од тие средства издвоивме и 500 илјади денари за набавка на дополнителна опрема која им е потребна на лицата со интелектуална попреченост, рече Спасов.
Министерот најави дека годинава планирано е отворање на нови дневни центри за деца со попреченост низ државата, во Битола, Велес, Штип, Кочани, Валандово, Липково и во Охрид. Потенцира дека се работи на реконструкција на објекти и нивно опремување во соработка со повеќе општини.
Градоначалникот Трајановски појасни дека ова е втор центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години. Според него, на лицата ќе им се овозможи тука да го минуваат денот, да имаат поединечни и групни проекти и работа со родителите.
- Досега го финансиравме Центарот за лица со интелектуална попреченост лоциран во Аеродром со 2 милиони денари годишно. А овој центар Град Скопје секоја година, на почеток, ќе го финансира со 400 илјади денари, рече Трајановски.
Чедомир Трајковски, претседател на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост-„Порака“ соопшти дека идејата за овој центар е од пред две ипол години кога, како што рече, заеднички оценивме дека Дневниот центар во Аеродром не ги задоволува потребите на градот и оти има потреба за уште еден или повеќе дневни центри за вакви лица.
Опремувањето на Дневниот центар го помогнаа Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија преку донација од 11 илјади евра, обезбедени за време на Скопскиот маратон 2014. Центарот ќе може да го посетуваат околу 20 лица.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа