Груевски и Заев на средба со Хан

 

Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, претпладнево во резиденцијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје има средба со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и со лидерот на СДСМ Зоран Заев за изнаоѓање решение за излез од политичката криза во земјата.  

Премиерот Груевски е придружуван од шефот на неговиот кабинет Мартин Протуѓер и министрите за надворешни работи и за здравство Никола Попоски и Никола Тодоров. Заев, пак, на средбата со Хан дојде со Радмила Шекеринска и Петре Шилегов.

Засега нема информации дали Хан разговара со Груевски и Заев одделно или на заедничка средба. 

Можно е, како што претходно информираа од мисијата на ЕУ во Скопје и од политичките партии, по разговорите со Груевски и Заев, Хан да присуствува на лидерската средба што ќе биде одржана попладне, а на која ќе бидат и претседателите на ДУИ и на ДПА Али Ахмети и Мендух Тачи. 

- Комесарот Хан ќе им ја истакне на партиите итноста да се најде решение за надминување на сегашната криза што е можно побрзо и со заемна посветеност на клучните предизвици што земјата се соочува. Тоа можам да кажам, посочи вчера портпаролката на Хан, Маја Коцијанчич во изјава за МИА.

На прашањето дали носи и можно решение на политичката криза во Македонија, кое во себе содржи и понуда за неформален скрининг на клучните поглавја од идни преговори ЕУ-Македонија, гласноговорничката на Комисијата не сакаше да коментира.

- Нема да шпекулирам и не мислам дека ова ќе биде корисно во ситуацијата. Она што комесарот ќе го стори е потенцирање на потребата и итноста од наоѓање на решение за надминување на сегашната криза и во овој контекст треба да гледате и на неговата посета, потенцира портпаролката Коцијанчич. 

 

 

Оцени ја веста

02.06.2015 - 10:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега