ГАЛЕРИЈА: Прилепчани го освоија најквалитетниот турнир во мал фудбал во Скопје
Вчеравечер, во Спортскиот центар Ново Лисиче, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на екипата „Јоан Старс Бауцентар“ од Прилеп и го додели пехарот, за освоеното прво место на вториот по ред турнир во мал фудбал „Скопје 2013".
- Чест и задоволство ми е што втора година по ред сум тука со вас. Изминатиов месец се изиграа многу натпревари, а во ова финале победија најдобрите. Би сакал да им честитам и се гледаме следната година, на истово место, овде во Ново Лисиче, рече градоначалникот Трајановски.
Пред финалниот натпревар и битката за трето место, се одиграа ревијални натпревари на којшто комбинирано настапија фудбалската школа од Ново Лисиче, ФК „Нови Лисици“ генерација 2004 и фудбалската школа „Спорт Ефе“, а пред натпреварот за прво место, ревијално настапија и екипите составени од фудбалски ветерани. Третото место го освоија фудбалерите на Агенција за Млади и Спорт, коишто ја победија екипата на „Гостилница Дома“ од Велес со 2:1, додека во финалето, првопласираната екипа на „Јоан Старс Бауцентар“ од Прилеп ги надигра фудбалерите на „Игротека Тиквичка“-Скопје и победи со 4 наспрема 2. Првиот фудбалски удар на финалниот натпревар го направи градоначалникот на Град Скопје.
Најдобар играч на турнирот беше Кире Ивановски, за најдобар стрелец беше прогласен Томче Мизоров, а признанието за најдобар голман го доби Зоран Маркоски, сите тројца членови на победничката екипа од Прилеп.
На турнирот, годинава се пријавија околу 60 екипи, а натпреварите се одржуваа секој ден во попладневните и во вечерните часови.„Скопје 2013“, се реализираше во организација на Оштина Аеродром и Град Скопје, а наградниот фонд за победниците беше во висина од 300 000 денари.